(ФОТО) Започна уривањето на остатоците од заштитените со закон куќи во комплексот „Варналии“ во Велес
Се урива куќата на Паунови, од денеска среда 18 март, по што ќе следи уривање и на куќата на Маневи во комплексот Варналиите во Велес. Уривањето, изнесувањето на шутот и сметот се до комплетното санирање на опожарената површина го плаќа Општина Велес. Избраната фирма „Солас –Екс- Им“ од Скопје ги извршува градежните работи поврзани со расчистувањето на изгорената и опожарената куќа на улицата „Јован Наумов Алабакот“.
-Вчера се направени подготвителни работи, поврзани со обезбедување на теренот и безбедноста на граѓаните кои живеат во околните куќи. Од денеска во присуство на инжинери на Општина Велес, градежната фирма започна со расчистување на теренот. Постапувајќи според законските прописи ќе се урива се што остана по пожарот и ќе се депонира на општинската депонија за шут, рече градежната инспекторка Снежана Дервишова.
Таа додаде дека ангажираната градежна фирма „Солас –Екс- Им“ од Скопје е избрана на годишен тендер и нејзината исплата ќе се реализира од општинскиот буџет од ставката предвидени финансиски средства за уривање на објекти откако ќе ги заврши сите потребни работи, по изработен Елаборат за спроведување на санацијата на теренот кој претставува општа опасност.
На локацијата први интервенираа, изминатиот викенд, вработени од ЈКП „Дервен“ откако соседите алармираа дека паѓаат парчиња од фасадата на куќата на Маневи и создаваа проблеми во движењето на соседите од сокакот.
Пожарот во комплекс куќите Варналиите во Велес, заштитени со закон, се случи ноќта помеѓу 20 и 21 декември 2019 година. Во пожарот изгоре куќата на семејството Паунови и загина сопственикот Миле Паунов. Пламените јазици ја зафатија и соседната, куќата на семејството Маневи, во која не може да се живее. Ова семејство веќе три месеци живее кај роднини./У.Ј