Којничани тврдат дека често се без вода додека од ЈКП „Дервен“ велат проблем е пристапот до шахтите од паркираните возила
Пукнато колено на главната водоводна линија на која се наоѓаат улиците Максим Горки и Питу Гули во месноста Којник денеска беше причина еден дел од оваа месност во Велес два часа да остане без вода. Под тензијата што е предизвикана од епидемијата на коронавирусот и е поврзана со препораките на здравствените институции за покажување на особена грижа за личната хигиена која треба да е на прво место граѓаните нервозно дојавуваа дека немаат вода.
Тие открија дека вода немале и во вечерните и ноќните часови во неделата на 15 спрема понеделникот на 16 март. Паралелно со овие два случа коментираа и за чести дефекти кои се причина за нивните секнати чешми како резултат, според нив, на старата водоводна линија која мине низ маала и сокаци кои немаат вентили па така за еден дефект мора да се исклучува цел дел од Којник.
Но, од ЈКП „Дервен“ соопштија сосема различни податоци. Раководителката на Водовод и канализација, Родна Јанева во изјава ги откри причините за кратките дефекти кои се предизвикани најчесто од дотраени делови како што се„ колена “ додека во сокаците има кракови кои ги поврзуваат со главната водоводна линија а постојат и водоводни шахти.
-Сокаците се поврзани на главната водоводна линија со вентили во постоечки шахти. Последниве ги има во доволен број и при појава на дефект се исклучува кракот а не главната водоводна линија. Дефектите се трудиме да бидат отстранети во најкус можен рок.Но и нашите работници наидуваат на проблеми што ги создаваат граѓаните кои ги паркираат возилата на улиците притоа не водејќи сметка за тоа дека возилото е над самата водоводна шахта. Тоа се случи во неделата спрема понеделникот, кога екипа беше испратена на Којник веднаш по примен повик за дефект. Но таму на улицата пред самата куќа и над шахтата, имаше паркирано возило. Сопственикот на возилото не се појави и покрај упорните ѕвонења на влезната врата од куќата на сопственикот на возилото. Водата моравме да ја исклучиме. Тој ниту во понеделникот не покажа волја да соработува, поточно да го тргне возилото од шахтата па моравме да интервенираме и да бараме полициска асистенција. Со вакви случаи безброј пати сме се соочиле. Тоа го оддолжува времето за интервенција и одстранување на дефектите, додаде Јанева.
Од јавното комунално претпријатие упатија апел до граѓаните да не ги паркираат возилата пред своите куќи, особено во стариот дел на Велес, каде сокаците се тесни и затоа што им сметаат при вршењето на работните задачи. /У.Ј