Велес се дезинфицира по епидемијата на коронавирус
По вчерашното дезинфицирање на плоштадките, плочките околу фонтаните и централните градски улици денеска возила на ЈКП „Дервен“ ги дезинфицираа тротоарите во градот. Возило на комуналците еден час со дезинфекциско средство ги прскаше тротоарите во строгиот центар на Велес. Следеа и тротоарите кон новиот дел на градот.
Во исто време се спроведуваа активностите за превентивна дезинфекција на јавните површини на целата територија на општината.
Потоа дезинфекцијата продолжи и на главните пристапи во селата Горно Оризари, Башино Село, Бузалково, Раштани и Отовица. Се миеја и улиците со средство за дезинфицирање во населените места Иванковци, Мамутчево и Чалошево.
Поради рачистување на наноси, во населеното место Сујаклари, ангажирана беше и дополнителна механизација.
Во текот на вчерашниот ден, Општина Велес започна со дезинфекција на улиците во повисоките зони на градот. По дезинфицирањето на улиците „Белградска”, „Васил Главинов”, „Киро Ќучук”, „Осма велешка бригада” и „Костурска”, активностите за дезинфицирање денес продолжуваат на улиците „Живко Фирфов”, „Славко Ѓоргиев Сватот”, „Луј Пастер” и „Индустриска”.
Денес завршија активностите од првото дезинфицирање на парковските површини и детските игралишта, во паркот во СОУ „Гимназија Кочо Рацин”, во паркот и зелените површини во Комплекс „УЗУС”.
Исто така, Општина Велес врши дезинфекција и на урбаната опрема на јавните површини.
Општината, исто така, на почетокот од оваа седмица, испрати препорака до сите такси-превозници на подрачјето на Општина Велес да ги дезинфицираат такси-возилата на дневна основа пред да се вклучат во сообраќај, а такси-возачите да користат лична задолжителна зашитита, маска и гумени ракавици.
По препораките од страна на Владата и општината, лиценцираните авто-такси компании извршија дезинфекција на сите лиценцирани авто-такси возила и возила за јавен градски и меѓуградски превоз на патници, како на и меѓуградската автобуска станица во Велес, преку ЈЗУ Центар за јавно здравје, Велес.
Секое возило кое се користи за превоз на патници располага со пумпи за дезинфицирање, средство за дезинфекција ECOSAL, како и гелови за дезинфекција на возачите и патниците. Поради тоа, Општина Велес апелира граѓаните да ги користат услугите на лиценцираните авто-такси компании.
Дезинфекцијата на возилата се врши на почеток и на крај на работниот ден, додека пак возачите носат заштитни маски и ракавици.
По претходно утврден план за дезинфицирање на јавните површини во градот, Општина Велес започнува и активности кои вклучуваат дезинфицирање на сите автобуски стојалишта (постојки) во градот./У.Ј