Велешанката Николова ги повикува жените, што се обучени шнајдерки, да и помогнат на локалната заедница со волонтерска акција за шиење заштитни маски
Волонтерки жени, од конфекциски претпријатија, кои седат дома поради грижата за малолетни деца во време на епидемијата на коронавирусот се понудија да шијат заштитни маски. Меѓу нив е и велешанката Ружица Николова која сака седењето дома да го валоризира со волонтерски ангажман. Таа се обрати до Фондација Фокус со барање да се организира акција во која би се повикале преку јавен повик сите подготвени жени, обучени за шиење за да придонесат за надминување на состојбата со недостигот на заштитни маски во локалната заедница.
-Ви го ставам на располагање сето мое слободно време за шиење на заштитни маски што првично им се потребни на медицинскиот персонал во здравствените установи во нашиот град. Маски им се потребни и на волонтерите на Црвен Крст како и на останатите граѓани кои се дел, како што читам, од мобилните тимови за помош на стари и изнемоштени лица. Јас можам за неколку часа во денот да сошијам околу 600 парчиња на заштитни маски. Мислам дека освен мене во организирана акција и доколку се објави повик ќе се пријават и други обучени шивачки. Справувањето со коронавирусот е сериозна работа но ние како одговорни граѓани можеме да се организираме и да помогнеме колку што можеме, додаде Николова.
Таа се пријави во вистински момент бидејќи во ЈЗУ Општа болница Велес, во ЈЗУ Здравствен дом Велес како и во Центарот за јавно здравје има недостиг на заштитни маски.
Сега е потребна помош и од општествено одговорни фирми кои ќе стават на располагање количина на материјал од кој граѓани обучени за кроење ќе ги скројат додека обучени шивачки ќе ги шијат маските. Здравствените институции треба да ја превземат обврската за стерилизација на маските.
-Дел од заштитните маски би сакала да ги добијат граѓани кои не можат да си ги купат. Јавното здравје е заедничка одговорност и од нас зависи!, додаде Николова.
Оваа велешанка ќе се обиде да мотивира и други наши сограѓанки да излезат во пресрет за да се вклучат во волонтерската акција. Неа, околу организацијата, ќе и помогне и Фондација Фокус ./У.Ј