Веќе пет шивачки формираа група за волонтерско шиење на здравствени маски, директорот на велешка болница ја прифати нивната помош
Ќе ги стават во употреба своите лични машини за шиење и од дома ќе ги шијат заштитните маски кои здравствените работници од велешката болница, Здравствениот дом и Центарот за јавно здравје во Велес ги немаат во доволен број а извршуваат работни задачи и им помагаат на сограѓаните кои имаат здравствени проблеми. Веќе се пет велешанки кои во услови на недостаток на здравствени маски, поради епидемијата на коронавирус, волонтерски, без надомест ги понудија своите шивачки вештини како свој придонес за јавното здравје, заедничка одговорност и тоа зависи од сите нас.
Иницијативата потекна од шивачката Ружица Николова која побара помош од граѓанската организација Фондација за локален развој и демократија „Фокус“ да ја поддржи нејзината идеја за волонтерски придонес во шиењето на маските и за неколку часа се пријавија уште четири велешанки, вели Николова.
-Им благодарам на сограѓанките Мима Лазова, Виолета Николова, Буба Мишкова и Валентина Николова што веднаш се одзваа и заедно со Фондација Фокус го прифатија мојот предлог. Сите тие го понудија своето слободно време за да се вклучат во оваа хуманитарна акција, рече Николова.
Иницијативата на шивачката Николова, која дневно може сама да сошие 600 маски и останатите нејзини колешки по толку, сите со шивачко искуство , ја прифати директорот на ЈЗУ Општа болница Велес д-р Божидар Бојаџиев.
-Ние добиваме донации, но секоја помош е добредојдена. Контактираме со фирми за набавка на количина на материјал. Им благодарам на одговорните шивачки што нудат помош. Штом количината од материјал стигне ќе ги повикаме и ќе ја започнеме соработката, додаде д-р Бојаџиев.
Освен материјал за шиење на заштитни маски на велешка болница добредојдени се и донации од дезинфекциони средства. Шивачките упатија апел до општествено одговорните фирми да донираат дел од количината на материјалот што го имаат како за шиење маски така и за дезинфекција.
Убавка Јаневска