Подготвен терк, избран модел, скроени и се шијат првите заштитни маски за здравствените работници во Велес
Една траба со 30 метри памучна богасија донирана од велешанката Билјана Ѓурова е веќе скроена според терк што синоќа шивачките Ружица Николова и Славица Костова го утврдија заедно со директорот на ЈЗУ Општа болница Велес д-р Божидар Бојаџиев. Од богасијата се скроени 600 заштитни маски.
Во денешниот ден веќе се сошиени првите заштитни маски. Тие по шиењето ќе бидат однесени во печатницата „Графика М“ на Мики Мурџев, што исто така, се вклучува со донација од печатење на мотото на хуманитарната акција: „Донирано на јавното здравство – од велешани и шивачки!“.
Потоа маските ќе ги испегла пријавена жена и волонтерки ќе ги спакуваат. Првата количина на сошиени заштитни маски, за повеќекратна употреба, на велешка болница ќе и биде предадена во вторник, на 24 март 2020 година.
Волонтерската акција од ден во ден има повеќе волонтери. Неа ја прифаќаат и останати сограѓанки- шивачки без работа, пеглачки волонтерки како и пакерки.
Првата фирма што ја поддржа акцијата е печатницата „Графика М“. Жените шивачки и сите волонтери што ја поттикнаа или подоцна се вклучија се надеваат дека донации ќе стигнат како од граѓани така и од велешки фирми.
Тие се подготвени волонтерски да шијат заштитни маски и за останатите јавни здравствени институции во Велес./У.Ј