Submit to FacebookSubmit to Google PlusSubmit to TwitterSubmit to LinkedIn

OKO FIN

Новонастанатата ситуација со појавата на корона вирусот (Covid – 19) значително го смени ритамот на секојдневното живеење кај сите генерации во целиот свет. Од ова не е поштедена ниту нашата земја. Драматичната промена на ритуалите во секојдневниот живот (одење на работа, прошетки, дружби, одење на курсеви и спортување, слободно движење во времето и просторот...), настаната ненадејно, предизвика многумина да доживеат низа т.н. негативни емоции.

Човештвото немаше доволно време за психички да го спреми организмот за новата ситуација, па тоа резултира со доживување на извесна несигурност за она што се случува, доживување на неизвесност за тоа што следи и непредвидливост на последиците од случувањата. Ако доживувате страв, анксиозност, тага или можеби лутина, вие всушност доживувате сосема здрави и очекувани емоционални реакции за ситуацијата.
Некои можеби не доживеале ништо, никакви драстични емоционални бранувања, едноставно минуваат со бледи и нејасни сензации. Оваа состојба ја најрекуваме состојба на шок, во која сеуште не сме спремни свесно да ја обработиме информацијата за новонастанатата ситуација, па телото и психата се бранат преку анестезирање на нашите чувства/одговори со што несвесно сакаме во подолг можен рок да ја зачуваме претходната ситуација на којашто сме биле навикнати да функционираме.

Ова е сигнал дека сè уште не сме спремни да ја примиме новонастанатата ситуација, односно не сме спремни да го најдеме соодветниот одговор и реакција кон надворешниот свет. Доколку познавате некој ваш близок кој реагира на ваков начин, бидете свесни дека тој/таа реагира најдобро и најздраво за себе во тој момент, додека не се ослободи енергија за реагирање на друг начин кој би бил соодветен.
Споменавме дека загриженоста е очекувана, здрава реакција. Луѓето наоѓаат комфорт и сигурност во предвидливоста на нештата - активности кои се претворени во ритуали, распоред кој ни е добро познат и востановен (одење на работа, училиште, спортување и рекреирање надвор од домот, викенд активности и слично). Со драстичен и ненајавен прекин на овие ритуали се нарушува динамиката на функционирање и во нашите тела, односно засегнато е нашето психо-физичко функционирање.

Периодот на адаптирање (прилагодување) кон новите предизвици, однсно периодот на градење на нови навики (ритуали) и нивно спроведување во нашето секојдневние е период на стрес. Овој период трае различно за секоја индивидуа и зависи од многу фактори, а најмногу од личните капацитети на секој човек, ефективно да се прилагоди на новините.
Многу родители на мали деца се соочуваат со стресот да се грижат за нив, особено ако работат од дома. И фамилиите со членови кои се хронично болни или се со хронична состојба се особено афектирани поради строгите мерки за изолација во обидот да се превенира ширењето на заразата со корона вирусот. Верувам дека кај нив состојбата на алармираност е поголема, а со тоа раснат напнатоста, анксиозноста и загриженоста.

Засега немаме инфомрација до кога ќе трае оваа сосјтоба и колку време ќе помине пред да се вратиме на животот каков што го познаваме. Стресот дополнително е зголемен поради стравот од загуба на работните места што ги алармира примарните нагони кај човекот, нагонот да се преживее, да се опстане. Кај учениците и студентите оваа ситуација се одразува врз нивните потреби да се дружат, да се социјализираат, да учат и да го потврдуваат својот успех. Токму затоа во овој период младите луѓе и пензионерите беа најтешката категорија да ја сфатат сериозноста на ситуацијата за самоизолација. Секако, со упорно објаснување на ситуацијата, иноформирање, едуцирање и поддршка од сите нас, можеме да постигнеме граѓанска послушност и заштита на индивидуалното и колективносто здравје.

Во овој ранлив период особено е важно да пристапиме без обвинувања и предрасуди кон секој наш сограѓанин, да едуцираме и да помогнеме онаму каде тоа го можеме. Целта е никој да не се доживува изолиран, етикетиран и нападнат, но прифатен и згрижен.

Општинскиот Црвен Крст на Велес формираше мобилни тимови за помош на сите возрасни групи, изнемоштени лица, лица со посебни потреби и хронично болни лица, кои живеат сами или немаат поддршка од семејставата на целата територија на Општина Велес. Услугата се состои во набавка на храна и лекови со соптствени средства на лицето кое ја бара услугата.

Неизвесноста, ако долго трае, оневозможува да го вратиме впечатокот на контрола врз ситуацијата и нашиот живот. Луѓето стануваат ранливи кога доживуваат дека ја губат контролата, кога ситуацијата ги поставува во пасивна улога (жртва) и тоа дополнително го зголемува стресот. Силниот стрес, особено ако долго трае, може да го афектира психо-физичкото здравје, да го влоши и развие симптоми на болест.

Досегашните облици кои ги практикувавме како начин на релаксација и ослободување од стрес (дружба со пријатели, прошетка во природа, спортување, посета на концерти и натпревари) се ограничени или оневозможени. Ова нѐ става пред предизвикот да изнајдеме нови начини за осободување до негативната енергија и нови начини на рекреирање.

Како да реагираме кон новоностанатата ситуација поради корона вирусот и на начин кој да го зачуваме нашето ментално здравје?

Прифаќање на емоциите кои ги доживуваме

Како што споменавме, во овој период ќе се јават многу т.н. негативни емоции – акнсиозност, лутина, тага, страв. Наместо да ги потиснуваме и негираме овие емоции, пожелно е да ги прифатиме и да бидеме свесни кога ги доживуваме. Загриженоста која особено ја доживуваат родителите не треба да се крие од останатите членови во семејството, особено децата. Децата умешно детектираат кога нешто невообичаено или различно се случува во нивниот живот. Свесното забележување на она што минува како мисла или емоција е привиот чекор кон негување на нашето ментално здравје. Вербализирајте ја емоцијата, опишете ја без да давате суд, без да ја боите морално, без да давате суд колку е оправдана или не. Едноставно доживејте ја, добијте увид во тоа што се случува во вашето тело и ум. Науката и истаржувањата велат дека свесноста за она што ви се случува значајно придонесува за зачувување на менталното здравје. Наместо да се борите против вашите емоции и да ги негирате, прифатете ги и вложете ја енергијата за градење на здрави избори за реагирање кон новата ситуација.

Создадете нови ритуали (нови навики, рутини)

Верувам дека во овој период многу луѓе, особено адолесцентите, се задлабочени во гледање серии или игри на компјутер. Пожелно е родителите да внимаваат на ваквото однесување, бидејќи можеби станува збор за несвесна стратегија на „бегство“ и несоочување со реалноста. На овој начин младите остануваат пасивни и не се соочуваат со своите стравови или нови предизвици. Наместо тоа, ангажирање на младите (па и останатите) во нови активности во домот може да помогне во градење на нови навики и ритуали. Поделбата на обврски дава нова структура на времето (тоа станува предвидливо) кое ќе го исполни денот со активно учество во домот, а тоа ќе овозможи намалување на анксиозноста, непредвидливоста, стравот или досадата.

За децата од помала возраст особено е важно да се зачува ритамот на денот (отприлика во исто време да легнуваат и стануваат, во исто време да јадат, да имаат време за учење и игра). Бидејќи во овој период целото семејство поминува под ист покрив 24 часа, пожелно е семејствата да го негуваат личниот простор на секој од членовите, да се почитува начелото на приватност како би се зачувале личните граници. Со јасно поставување на нови семејни правила и очекувања, секој член може да ги оставри своите потреби. Притоа, овие потреби ги доживуваат сите, без исклучок - возрасните, особено се сензитивни адолесцентите, а исто така и децата. Сигурно во семејството малото дете ќе има потреба да ги расфрла играчките, тинејџерот ќе има потреба да слуша гласна музика, адолесцентот да зборува на телефон во празна просторија, студенот да учи во мир и тишина. Почитувајќи ја личноста на секоја индивидуа ќе се овозможи релаксирана атмосфера во домот која може потоа да се обогати со заеднички активности, игри и забава. Креативноста нека биде на ваша страна!

Изолацијата во домашни услови дава можност да направиме нови потези, да се предизвикаме себе си на нови терени. Учење странски јазик, учење да се свири на некој инструмент, испробување нов рецепт во кујната, практикување градинарство на балконот, аеробик во домашни услови...

И додека трае оваа социјална изолација во физичка смисла, сепак постојат можности да ги одржиме контактите. Достигнувањата на технологијата овој пат можеме да ги искористиме за наше добро. На младите луѓе ова им е веќе секојдневие, но во овој период не можеме многу да им замериме доколку се почесто на социјалните мрежи, нели? За сите возрасти, особено за младите, и натаму е важна социјалната поврзаност со врсниците, споделувањето на доживувањата и взаемената поддршка. Главно, контактите, макар и само преку телефон или социјалните мрежи, даваат чувство на поврзаност, ја јакнат сигурноста и смируваат.

Сега имаме прилика да ги зајакенеме семејните релации, да научиме подобро да комуницираме меѓу себе, да ја зајакнеме вербата меѓу членовите од семејството, да го надополниме времето кое го „губиме“ во инаку брзиот начин на живот.

На крај, времето на социјална изолација дава можност да се свртиме кон себе си. Ова е прилика фокусот да го свртиме кон себе и својот живот. Какви мисли ќе се појават кога буката од модерниот начин на живот ќе стивне? Можеби ќе ги преиспитате своите приоритети и што навистина ви значи во животот? Во овој период, кога статусот и парите се ставени на пауза, каква нова смисла открива вашиот живот за вас?

Искусувањето на стрес и т.н. негативни емоции можат да имаат и позитивни последици. Луѓето кои одбрале и/или научиле здрави начини за совладување на стресот стануваат психолошки поотпорни и со поголема благодарност кон животот и она што го имаат. По доживеан поголем стрес и траума многумина продолжуваат да живеат поисполнето и со повисока цел. Со грижа и планирање можеме да бидеме психолошки силни за време на оваа пандемија и целото ова искуство да го искористиме за лична трансформација и личен раст и развој.

Александра Бошкова
лиценциран психолог

 

 

SEMM baner MK

Поврзани вести

lifer gif 300x250 Duma

baner i od veles se moze

E baner

Konsalting Jovevi

 
   
   
   
   

Најново