Шест ново заболени од “Ковид 19“ и од нив петмина се во роднинска врска со веќе заболените во Велес
11.04.2020
Двајца од новорегистрираните нови случаи на коронавирусот се роднини на починатиот 78 годишен маж во Велес, двајца се поврзани со 62 годишниот маж што веќе се лекува на инфективното одделение во велешка болница и бил во контакт со починатиот, една жена е сопруга на пациент што се лекува на Клиниката за инфективни заболувања во Скопје и една жена е идентификувана како новозаболена откако е на лекување на клиниките во Скопје но е од Велес.
Ова е генезата на денеска откриените нови шест случаи на заболени од „Ковид 19“ во Велес.
Директорот на Центарот за јавно здравје, Тони Димитриев вели дека место за паника немало бидејќи сите биле тестирани откако им била земена епидемиолошка анализа.
-Тоа значи дека се навреме индентификувани. Една од жените која се лекува на инфективносото одделение во велешка болница е сместена веднаш штом нејзиниот сопруг покажа позитивен резултат на „Ковид 19“ и беше хоспитализиран во Општа болница во Велес и потоа поради компликации пренесен на Инфективна клиника во Скопје. Нејзиниот позитивен тест стигна откако жената две недели е пациентка на инфективното одделение во велешката болница. Во моментов работиме на идентификување на жената што се лекувала во клиника во Скопје па таму е евидентирана, направен е тест и констатирано дека е позитивна, додаде Димитриев.
Министерот за здравство Венко Филипче, на својот фејсбук профил, и денеска ги објави најновите податоци:
Во изминатите 24 часа се регистрирани 49 нови случаи на Ковид-19. По градови:
– Скопје 13
– Куманово 14
– Штип 6
– Прилеп 8
– Велес 6
– Гостивар 1
– Кочани 1.
Вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 во нашата земја изнесува 760 лица. Во изминатото деноноќие направени се 586 теста, а досега во земјата се направени 7.653 тестирања на Ковид-19. Двајца пациенти од Куманово и Прилеп починаа од коронавирус.
Во изминатото деноноќие на Клиниката се примени 3 пациенти, а во моментов се хоспитализирани вкупно 68, од кои 15 се на кислородна поддршка и 8 на механичка вентилација.
Во болницата „8 септември“ се примени 8 нови пациенти, а вкупно се хоспитализирани 28 потврдени и сомнителни на коронавирус. Од нив, 9 се со потешка клиничка слика, а 6 пациенти се на респираторна машина.
Во болницата во Битола се хоспитализирани вкупно 5 пациенти, еден пациент повремено на кислородна поддршка, а другите стабилни. На домашно лекување преку оваа болница се следат 7 пациенти кои се во добра општа состојба.
Во болницата во Штип се хоспитализирани вкупно 13 пациенти потврдени и сомнителни на коронавирус, а уште 13 се следат на домашно лекување. Освен една пациентка кај која има влошување на состојбата, сите останати пациенти се стабилни,“ напиша Филипче.