Медицинска сестра од детско одделение на велешка болница позитивна на коронавирус и жителка од Бузалково итно пренесена во ГОБ „8 Септември“
2.06.2020
Позитивна на вирусот е медицинска сестра која што работи во амбулантата на Детско одделение во велешка болница. Таа до вчера била на работа, носела заштитна опрема, додека денеска била изолирана и веднаш примена на Инфективното одделение. Епидемиолозите ја завршиле епидемиолошката анкета со заразената пациентка и колегите на детското одделение.
– Немаме сеуште доказ дека медицинската сестра е од некој кластер. Таа е заболена. Освен ова лице исто така имаме еден жител на Јаболчиште кој е на домашно лекување, рече епидемилогот д-р Билјана Трајкова од ЈЗУ Центар за јавно здравје.
Од Општа болница во Велес соопштија дека се превземени мерки за заштита кои се дел од протоколите за заштита при работа. Направени се и епидемиолошки анкети помеѓу вработените на детско одделение. Медицинската сестра работела само во прва смена па затоа била многу помала веројатноста да биде преносител на заразното заболување.
На Инфективното одделение во болницата има 13 пациенти кои со тест се потврдени дека боледуваат од Ковид 19. Сите се со добра здравствена состојба и нема пациент на кислородна поддршка. Денеска е примена пациентка од село Бузалково, со потешка клиничка слика, затоа е веднаш транспортирана во Скопје во ГОБ „8 Септември“ , рече д-р Весна Николовска Неделкова, портпарол на велешка болница./У.Ј