Филипче го повика Митрополитот Агатангел да го повлече повикот до верниците за Задушница
4.06.2020
Министерот за здравство Венко Филипче го повика Митрополитот на Повардарската епархија, Агатангел, да го повлече повикот до верниците да ги посетат храмовите бидејќи гробиштата за Духовден ќе бидат затворени.
-Јас го повикувам Митрополитот да го повлече повикот да се посетуваат храмовите. Ова е многу осетлив период во овој момент на епидемиолошката крива и тој повик е спротивен на сè што сега правиме да се заштити јавното здравје. И, секако, спротивен е и на многу уредби коишто Владата ги има донесено, а тоа е пред сè уредбата за забрана на масовни собири. Тоа е нешто кое доколку се случи, сериозно ќе го загрози здравјето на сите кои ќе бидат таму присутни, како и јавното здравје, рече Филипче.
Министерот за здравство одговари на новинарско прашање на прес-конференцијата по повод донацијата од ЕУ.
Повардарската Епархија денеска ги повика верниците масовно да дојдат во дворовите и во црквите на Задушница и да носат со себе варена пченица, црвено вино и список со своите претходно упокоени блиски роднини и пријатели./У.Ј