Лазов: Вината за загадувањето на Вардар со мазут нека не ја бараат во „Благој Ѓорев“ туку во ЈКП „Дервен“
19.06.2020
Компанијата „Благој Ѓорев“ како општествено одговорна, работи според стандарди, безбедносни мерки и законски прописи и поседува докази како и фотографии со приказ дека излеаниот мазут, во неделата на 14 јуни, годинава, не заврши во река Вардар туку само на улицата Алексо Демниевски рече денеска директорката на секторот за контрола и безбедност Анита Чакарова.
-Компанијата „Благој Ѓорев“, добро познатиот бренд Кристал ја демантира информацијата за излеани еден тон мазут со што сме ја загадиле животната средина поточно реката Вардар. Таа соопштена информација не е точна. Ние имаме докази и фотографии што точно се случи. Ведаш по известувањето од обезбедувањето со помош на вработените и механизација за кратко време успеавме да спречиме истечениот мазут на улицата да се прелее преку шахтите во каналот кој завршува во Вардар, додаде Чакарова.
Менаџерите на „Благој Ѓорев“ објаснија дека истекувањето се случило за прв пат, не поради човечки фактор туку поради техничка грешка на опремата, дека постапиле најсовесно и пријавиле во полиција и во Општина Велес. Општината не им помогнала но затоа ЈКП „Дервен“ им излегол во пресрет кога во еден трактор го собрале ќоспето со впиен мазут и со издаден налог го транспортирале на градската депонија но исто така и ја измил улицата.
-На ЈКП Дервен им издадоа налог да ја исчистат улицата од остатоците од трагите бидејќи ние не располагаме со средства за чистење на улици. Улицата беше испрана ноќта помеѓу 14 и 15 јуни, годинава додека утредента во понеделникот беше изјавено дека се откриени мрсни дамки на површината на Вардар во близина на сливот на каналот. Сакам да прашам како е возможно од ситуација што се случи во неделата на 14 јуни по 20 часа да се прикаже дека имало мрсни дамки во река Вардар. Каде беше тој мазут цели 20 часа?, праша директорката на секторот за производство и одржување, Олгица Стојанова.
Менаџерите ги демантираа претходните пишувања на новинарите дека истечениот мазут е петти еколошки инцидент на компанијата во изминатите 18 месеци. Генералниот, Горан Лазов, велејќи дека го прекршил правилото на молчење што самиот си го ветил проблемот го објасни како хајка што против него ја води Градоначалникот Аце Коцевски, Претседателот на Советот Ненад Коциќ, локалниот инспектор за заштита на животна средина и државниот инспекторат.
– Се случи да откаже опрема што никој не го посакува. Тоа е вистината, се друго се дезинформации. Локалната власт не ни помогна. Компанијата постои 97 години и јас со моите вработени нема да дозволиме да ја затвори Аце Коцевски а верувам дека и нашите сограѓани не сакаат оваа фабрика да згасне. Таа е единствена во државата за производство на масло од сончоглед од која зависи и земјоделството а и го спречува увозот на масло за јадење како и одливот на девизи од државата. Ќе се спротивставиме на обидот на затворање. Во неделата ние ги повикавме да дојдат општинските власти, инспекторите, поучени од претходниот пат кога плативме казна од 50.000 евра само затоа што не ги информиравме. Но каде се општинските инспектори и зошто сега не дојдоа? Тоа нека им одговори градоначалникот на граѓаните, рече Лазов
Тој додаде дека во Велес се води кампања против „Благој Ѓорев“ за да се прикаже како најголем штетник и загадувач. Но според Лазов не треба вината за загадувањето на Вардар да се бара во компанијата.
-Ние имаме хидранти но не ја исправме улицата. Неа ја переше ЈКП Дервен а водата од миењето влезе во шахтите а потоа и во каналот кои води до Вардар. Потоа ни пратија државен инспектор. Тој ни објасни дека миењето на улицата требало да се направи со специјален прав или течност а не само со вода. Сепак целта е да не казнат како и претходно кога ја плативме казната. Но барем тие пари да завршеа во локалниот а не во државниот буџет за аир да имаше градот, граѓаните и општината. Овој пат ако треба ќе водиме судска постапка., додаде Лазов.
На денешната прес конференција менаџерите ги дематираа тврдењата на Градоначалникот Коцевски дека компанијата не инвестира во обнова на производствениот процес соопштувајќи дека инвестирале 350 илјади евра во нови филтри а годинава и 20 милиони денари во нови горилници на мазут и гас на познатата фирма „Саке“ со што се подготвени да се вклучат во гасовод и производството сосема да го нали загадувањето на воздухот како и 3 милиони евра во опрема за автоматизација на рафинеријата која стои во дворот поради не издадена дозвола за градба. Во исто време се пожалија и дека од 2014 година не можат да ја добијат Б интегрираната еколошка дозвола поради не одговорено барање од Општината за изградба на испуст за вода./У.Ј