Коцевски: Неформални се заклучоците и изјавите на државните инспектори но, за очекување е дека ќе биде поднесена соодветна пријава за прекршокот кој во „Благој Ѓорев“ е направен од трета категорија
19.06.2020
Не биле точни информациите што менаџерите на компанијата „Благој Ѓорев“ ги соопштија на новинарите тврдеше денеска Градоначалникот на Велес Аце Коцевски. Тој потврди дека Инспектори од Државниот инспекторат за заштита на животна средина биле и по извршен увид во фабриката набрзо ќе ги соопштеле наодите од инспекцискиот надзор.
-Неформални се заклучоците и изјавите на државните инспектори но, за очекување е дека ќе биде поднесена соодветна пријава за прекршокот кој е направен од трета категорија, тоа е највисок прекршок што може да го направи некој загадувач односно оператор. За тоа следува голема казна. Но да не преудицираме нека си ја вршат надлежните државни органи нивната работа, одговори на новинарско прашање денеска Градоначалникот Аце Коцевски.
Градоначалникот извести дека вчера ,почитувајќи го принципот на презумција на невиност се обратил до Основно јавно обвинителство Велес не со кривична пријава туку со информација што хронолошки ги содржела сите нивни сознанија проследени со докази во вид на фотографии и повикување на законските одредби за тоа што се случувало во фабриката. Сега очекуваат ОЈО да процени дали постојат елементи за водење на постапки или не.
Налогот за миење на улицата пред „Благој Ѓорев“ на ЈКП „Дервен“ го дала општината по укажување дека многу опасно по сообраќајот ќе влијаела состојбата доколку на коловозот има остатоци од мазут што би предизвикале лизгање на возилата.
На новинарите од Одделението за урбанизам на Општина Велес им беше соопштено дека по барање на ПИ „Благој Ѓорев“ одобриле Архитектонско – технички проект лани, на 25 октомври, и половина месец подоцна Идеен проект но оттогаш не добиле Основен проект за да издадат Одобрение за градба на новата рафинерија. /У.Ј