Велешките здравствени работници од ГОБ „8 Септември“: Ништо не е повредно од животот, само сите здрави и живи ќе одживееме се што ќе следува по добиената битка со Ковид-19
20.06.2020
Д-р Цветко Арсов, специјалист по интерна медицина заедно со медицинските сестри Славица Митрова и Валентина Арсова од инфективното одделение, Анета Јованова од интерното одделение како и медицинските техничари Зоран Пановски од одделението за хирушки болести и Ангел Драскачев од интерно одделение на Општа болница Велес ја водат битката со невидливиот непријател во Градска Општа болница „8 Септември“ во Скопје. Тие се дел од велешките здравствени работници што се замена за преморените или болни колеги во една од болниците во главниот град на државата кои функционираат како Ковид центри.
д-р Весна Николовска Неделкова
-Поради зголемениот обем на работа и напливот на пациенти заболени од Ковид-19 во ГОБ „8 Септември“ и Клиниката за инфективни болести во Скопје се појави потреба за дополнителен здравствен персонал што го испратија сите градови од државата. Од велешка болница во саботата заминаа 5 медицински сестри и медицински техничари а вчера замина и лекар интернист. Тоа не влијае на работата во велешката болница во која работата се одвива непречено затоа што има доволен број на медицински персонал, се почитуваат протоколите за работа и мерките што се препорачани од Министерството за здравство. Секој ден правиме прераспределба, план и организација на работата на здравствениот персонал во зависност од моменталните потреби. Тоа значи дека со ротирање од сите останати одделенија се покрива и потребата на инфективното одделение кое поради заразната болест е најоптоварено. Таму лежат најтешко болните пациенти за кои се води максимално најголема грижа се разбира не занемарувајќи ги останатите пациенти и нивната потреба од здравствени услуги, рече портпаролката на велешка болница д-р Весна Николовска Неделкова.
Непосредно по изјавата на д-р Николовска Неделкова успеавме да ги слушнеме на телефон и дел од велешките здравствени работници кои ги заменуваат своите колеги во ГОБ„8 Септември“ во Скопје. И покрај напорната работа и директна изложеност на инфекција сите тие се добри. Дел од нив работат и во карантинскиот дел на скопската болница каде се лекуваат најтешките пациенти заразени со Ковид-19.
„Ова е потешка битка што најверојатно човекот ја водел во војни. Глетката која содржи петнаесет и повеќе пациенти поврзани на респираторна машина е тешка. Тоа се беспомошни луѓе на кои очајно им треба нашата помош, брзина, вештина, стручност да се реагира навремено. Да се следи секоја секунда од нивниот здив, колку кислород влегол во нивните бели дробови, дали тоа е доволно и ако не е веднаш со лекарите да се интервенира, да ги бодриш да издржат, да не ја вадат маската во момент на криза, да им ја вратиш на уста додека им велиш: Не се предавај, животот е убав за да се откажеш од него!“. Да им ги бришеш солзите додека ја следиш температурата и гледаш како се покачува, да ги миеш со спирт и да си велиш во себе: Мора да преживее па тој има само 35 години или Зошто да не преживее иако има шеесет, седумдесет или осумдесет години. Таму не се гледа на часовник и дали дошло крај на смената. Многу често сите ние сме како пациентите бидејќи немаме орјентација за време. Нам не ни е лесно но неспоредливо е со луѓето кои се врзани за кревет, за респиратр, за други медицински апарати, за инфузија. Ние ќе издржиме, само болеста да ја победат што поголем број на граѓани кои ги лекуваме“, рече медицинскиот техничар Зоран Пановски од Велес.
“Ние имаме рутина уште од велешка болница, што е можно побрзо да се спремиме поточно облечеме скафандер, ставиме капа, маска,визир, нараквици, наочари итн. Издржуваме иако во секој миг додека подготвуваме или делиме терапија, приклучуваме инфузии, следиме состојба, гледаме во мониторите на медицинските апарати и слично а чувствуваме како по нашето тело тече пот. Често оделата ни тежат од вода. Кога количината е поголема се преоблекуваме најбрзо што можеме и повторно назад кај пациентите на кои им требаме. Таму сме и да бодриме, да тешиме, без разлика што и ние сме луѓе и чувствуваме дека солзите сами течат. Добро е што од преголема заштита што ја имаме тоа не го гледаат луѓето што се борат да преживеат. Ова што се случува во болницата не поттикнува да им пратиме порака на нашите сограѓани да носат маски, да мијат раце, да заборават на собирања во групи, да седат повеќе дома и да излегуваат само кога мораат, со задолжително држење на дистанца. Така ќе се заштитат и ќе придонесат за помалку заболени, а ќе не заштитат и нас медицинските работници, рече медицинската сестра Славица Митрова Кочова од Велес.
Нивната порака до велешани гласи: Ништо не е повредно од животот, само здрави и живи сите да бидеме, ќе одживееме се што ќе следува по добиената битка со Ковид-19./У.Ј