Акцијашите ветерани го поставија првиот систем „капка по капка“ за наводнување на новозасадените дрвца на брег на „Езеро Младост“
21.06.2020
Ја искосија тревата, ги ископаа каналите, ги поставија главното и споредните црева, од првиот систем „капка по капка“ што вода носи од хидрофорот до парцелата со израснати јапонски цреши на езерскиот брег. Вкупно 60 акцијаши ветерани, сите членови на Работната бригада „Кочо Рацин“, во трите изминати саботи работеа доброволно.
Трасата на работа изнесуваше 120 метри за ископ на канал за главното црево за вода фи – 10 и уште 600 метри за ископ на споредни канали во кои се поставија црева за вода до секое засадено дрвце на оваа парцела. Вчера трасата беше завршена со покривање на земја на сите поставени црева и нивно поврзување со првиот хидрант на езерскиот брег.
-Системот со мрежата низ која водата ќе треба да ги наводнува дрвцата од видот „јапонски цреши“ на парцелата на Ротаријанците на Младост е подготвена. Тие ги купија 60 израснати дрвца и ги ископаа дупките, лани, доцна есента, за потоа акцијаите ветерани заедно со нив да ги засадат и да ја започнат целосната грижа која се состоеше од редовни надгледувања и полевања со вода. И не само на таа туку и на останатите парцели што Општина Велес во големата акција лани на крајот на годината ги засади.Неделава системот „капка по капка“ на оваа прва парцела треба да се стартува. Поантаму стоиме на располагање за проширување на системот „капка по капка“ до секоја садница што со голема љубов беше засадена на езерскиот брег по големиот пожар од минатата година кога изгореа 300 хектари стара борова шума и уште толку под ниско стеблести растенија. Ние сме подготвени да одговориме на работните задачи и да му ја вратиме „Младоста на нашето Езеро Младост“, рече Делчо Костов, командант на Работната бригада „Кочо Рацин“.
Ова нема да бидат единствените израснати „јапонски цреши“ што ќе го разубавуваат езерскиот брег.
-Ротаријанците имаат набавено уште 60 дрвца од овој вид што ќе ги засадиме есеноска заедно со акцијашите ветерани. Општина Велес ќе ја одреди втората парцела.Потоа тие ќе ја превземат комплетната грижа за нивното надгледување, додаде Јосе Манев, претседател на Здружението на граѓани „Акцијаш ветерани“ Велес./У.Ј