Возрасен велешанец и жител од Горно Јаболчиште се нови двајца заболени, пациентка префрлена во ГОБ „8 Септември“ и еден оздравен од Ковид 19
22.06.2020
Велешанецот кој е со симптоми на корона вирус е на 74 годишна возраст и не им дал податоци на епидемиолозите од Центарот за јавно здравје кога, од кого и како се заразил. Тој тврдел дека немал контакти со болни од инфективната болест и не можел да се сети на сомнителни лица. За разлика од него, мажот од село Горно Јаболчиште соопштил дека болеста најверојатно ја добил од соседите кои исто така биле позитивни на Ковид-19.
Според податоците на Министерството за здравство ова се двата нови случаи на заболени во Општина Велес во изминатите 24 часа.
До сега вкупно во општината има 167 заразени лица додека активни се 32 случаи и оздравени 124 граѓани. Бројката на починати изнесува 11 лица.
Од вкупно 32 активни лица 14 се на домашно лекување, двајца се лекуваат на Инфективна клиника во Скопје, еден во ГОБ „8 Септември“ Скопје и еден е повратник од странство и е во државен карантин.
Излекуваното лице од коронавирус е отпуштено од болничко лекување од Инфективното одделение на велешка болница со два негативни резултати на тестови.
-На одделението се лекуваат вкупно 18 болни, 17 позитивни за еден се чекаат резултати. Една пациентка на 68 годишна возраст префрлена во ГОБ „8 Септември“ во тешка општа состојба додека 3 пациенти се на кислородна поддршка. Пациентка на 74 години со негативен резултат е префрлена од инфективно на интерно одделение во велешка болница, рече портпаролката на болницата д-р Весна Николовска Неделкова./У.Ј