Во триесет дневен притвор разбојникот кој ограби група мигранти
22.06.2020
Основното јавно обвинителство во Велес донесе наредба за спроведување на истражна постапка против велешанецот кој со закана од оружје пред две недели ограби мигранти. Уапсен е вчера, иако беше во бегство, додека полициските инспектори му влегле во трага користејќи го неговиот телефон што успеал бегалец од нападнатите да му го одземе за потоа да го предаде на полицијата.
Основен јавен обвинител, поради постоење на основано сомневање дека сторил кривично дело – Разбојништво, побара додека судија на претходна постапка на осомничениот му изрече триесетдневен притвор.
„Осомничениот на 09.06.2020 година со патнички автомобил, заедно со дете како сопатник, се движеле во правец од с.Караслари кон Велес при што забележале дека по патот пеш се движат две лица – мигранти. Тој го сопрел автомобилот и им понудил на мигрантите да ги превезе до границата со Србија каде што биле упатени. Кога со автомобилот стигнал до фабриката „Димко Митрев“ околу 19.30 часот, осомничениот побарал мигрантите, по потекло од Авганистан, да му дадат 200 евра. Откако тие не се согласиле, осомничениот им се заканил дека ќе извади оружје и ќе ги убие. Исплашен од упатените закани, еден од оштетените на осомничениот му дал 200 евра, по што осомничениот заедно со детето влегол во автомобилот за да замине. Во тој момент, еден од оштетените мигранти успеал да го одземе мобилниот телефон на осомничениот кој подоцна при пријавувањето на настанот го предал на овластените полициски службеници во СВР Велес“, соопштуваат од Основното јавно обвинителство Велес.
Поради бегството, криењето, можноста повторно да избега, да влијае врз сведоците и да ја попречува истражната постапка, ОЈО Велес поднесе и Судија на претходна постапка на Основен суд Велес определи мерката притвор на осомниченото лице во времетраење од 30 дена./У.Ј