Помирување со Коцевски побара велешка Маслодајна но и прстот го впери во „Дервен“за миењето на улицата по излеаниот мазут
23.06.2020
Има ли тенденциозност во издадената наредба на Општина Велес за миење на улицата „Алексо Демниевски“ по излеаниот мазут од ПИ „Благој Ѓорев“ и колку стручно ЈКП „Дервен“ ја испрало беа двете прашања со кои денеска ја започна прес конференцијата директорката за контрола и безбедност во компанијата Анита Чакаровска.
-Нашите вработени совесно постапија кога не прифатија да ја мијат улицата по излеаниот мазут затоа што знаевме дека можеме да предизвикаме лизгав асфалт и загадување на животната средина, загрозување на безбедноста во сообраќајот, затоа ние совесно им ја препуштивме работата на институциите или службите секако мислејќи дека соодветно ќе ја завршат работата. Прашувам зошто немаше соодветно поставени знаци на улицата, па моравме нашите што ги користиме при извршување на градежни работи да ги изнесеме од фабричкиот двор. Зошто моравме сами да се снаоѓаме кога таа надлежност не е наша? А не добивме ниту стручни информации за одлагање на отпадот иако сите навреме ги известивме., рече Анита Чакаровска.
Таа тврдеше дека 24 часа немале добиено никаков одговор и морале сами да го депонираат отпадот на депонијата на ЈКП „Дервен“ и јавно праша зошто имало молк од сите институции и побара одговор од нив.
Менаџерите повторија дека причинител за загадувањето на Вардар не е компанијата туку нестручното миење на улицата по хаваријата и излевањето на мазутот на улицата што преку каналот се влеале во водите на реката.
Директорката на производство, Олгица Стојанова соопшти дека компанијата на 5 декември 2017 година поднела барање до Општина Велес за започнување на постапката за поставување на нова опрема и оттогаш до денеска не го добила Одобрението за градба за новата рафинерија.
-Три години е предолг период за обезбедување на документи со кои ќе обезбедиме подобро рафинирање и квалитет на маслото за јадење, со овој производствен процес ќе имаме помала потрошувачка на пареа со што би ги намалиле мисиите во воздухот. Би обезбедиле и заштита на животната средина. На крај од менаџерскиот тим би сакала да го повикам Градоначалникот Аце Коцевски на помирување и решавање на случајот. Може тој да дојде во компанијата или нас да не прими во општинската зграда, додаде Стојанова.
Иако немаше точен датум Стојанова тврдеше дека, во име на компанијата, проектанското биро „Линеа“ го имала поднесено барањето за Одобрение за градба во Општина Велес./У.Ј