Заев од Велес: Да ни останат младите дома овозможуваме за нив, до 29 години и жените ослободување од плаќање на даноци за започнување на бизнис
1.07.2020
Порачувајќи им на велешани да бидат горди со членството во НАТО затоа што државата доби имотен лист и никој повеќе не ветува НАТО и ЕУ, лидерот на СДСМ на граѓанската трибина на Коалицијата „Можеме“ вчеравечер им се обрати со зборовите:
„ Македонецот Заев им се обраќа на Македонците од Велес, македонско оро се играло и ќе се игра од двете страни на Вардар векови нанапред. Добивме лична карта во ОН. Во графата стои Македонци/ граѓанини на Република Северна Македонија кои зборуваат македонски јазик“.
Заев додаде дека завршено било времето кога милијарди евра пари на граѓаните завршувале во споменици, жални врби, барокни фасади, стиропори, страв и трепет, закани и уцени, кавги со соседите и ја побара поддршката од велешани за нов четиригодишен мандат за изградба на нова македонска економија која уште повеќе ќе насочува пари кон граѓаните и компаниите.
-Отворивме 60.000 работни места во реалниот сектор. Просечната плата за овие неполни три години порасна за 5.000 денари, од 22.300 денари на 27.206 денари. Имаме многу мерки со кои ќе ги поттикнеме младите да останат во нашата земја. Ќе им се враќа персоналниот данок на нововработени лица до 29 години директно на личните сметки во првите 2 години од вработувањето. Исто така за оние млади лица до 29 години и жени кои ќе сакаат да започнат сопствен бизнис ќе бидат ослободени од плаќање на даноци до моментот до дека не достигнат годишен промет од 3 милиони денари, додаде Заев.
Носителот на Листата на кандидати за пратеници во ИЕ број 3, Љупчо Николовски го соопшти неговиот личен и најголем мотив во изборната кампања.
-Мојот личен и најголем мотив во оваа изборна кампања е да да ги вратиме и да ги задржиме младите тука. Младите во изминатите 11 години ја напуштаа земјата затоа што беше газено нивното достоинство. Тие заминуваа заради тоа што не веруваа во системот, во правдата. Не веруваа дека работите може да се променат. Денеска гледаме дека многу работи се променети, демократијата е вратена, слободно се зборува, слободно се критикува“.
Тој оцени дека времето покажало дека политичкиот конкурент ВМРО-ДПМНЕ прераснал во фабрика за лажни вести и манипулации, бидејќи во 2016 година лажеле и ги барале гласовите во Источниот регион со заплашувања за некаква кантонизација или федерализација. Николовски пред велешани вети:
-Минималната плата ја качивме на 14.500 денари, ќе порасне до 20 илјади денари, затоа што работиме домаќински и во интерес на граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ 11 години ја замрзнаа на срамни 9.000 денари. Денеска со стопанствениците во Велес разговарав и тие се задоволни и од мерките од Владата за санирање на штетите од коронакризата. Во Велес 9964 граѓани веќе добиле платежни картички од по 9000 денари, млади, невработени за кои државта се грижи. Денеска 3600 вработени во Велес, во ваква криза, преку нивните фирми добиле субвенции на плата во износ од 14,500 денари. Над 160 компании од Велес добиле бескаматни кредити. Денес парите се враќаат во стопанството и кај граѓаните затоа што се работи домаќински“, рече Николовски
Кандидатката за пратеник во ИЕ бр.3, Јагода Шахпаска соопшти дека за три години Владата на СДСМ и коалиционите партнери направила големи исчекори во родовата еднаквост,социјалната реформа и реформата во пензискиот систем и за следните 4 години вети нов закон за мобинг и санкции за извршителите на истиот, ослободување на жените од стереотипни обврски во семејството и нејзино изедначување во правата и можностите како и мажите, реновирани 43 градинки, како и вработување на нови негователки и воспитувачки со веќе покачени плати од 20.000 денари за првите и плата израмнета со високото образование за вторите.
-Никој не е заборавен , па така и продолжуваме со грижата за лицата со попреченост. До 2021 за 21 % ќе се зголеми додатокот за лицата со попреченост и ветуваме дека нема да постои институција која нема да биде достапна за нив. Пензионерите пак конечно со доаѓањето на оваа власт го добија и законското усогласување, а во следниот мандат проектиравме зголемување на минималната пензија за 21 %. Тука е и социјалната пензија, 6000 денари кои можеби не се многу,но многу значат за оние кои до вчера не земале ниту денар.-посочи Шахпаска.
На граѓанската трибина во Велес зборуваше и кандидатот за пратеник д-р Ненад Коциќ и ги најави проектите што со новата Влада ќе се реализираат во Велес.
-Набрзо ќе почне изградбата на водоводот за селата Бузалково и Раштани, катната гаража, затворениот градски пазар, најавуваме гасификација на Велес, реконструкција на мостот кај Башино село и изградба на нов мост од Речани кон градот“, рече Коциќ.
На трибината што со ограничен број на присутни, поради епидемијата на коронавирус, се одржа во Амфитеатар на Младински парк беше промовирана и кандидатката за пратеничка Даниела Стојановска Пановска./У.Ј