Д-р Божиков: Вакцинирани првите 40 од вкупно 750 запишани првачиња во Велес, Чашка и Градско
3.07.2020
Родителите совесно постапуваат и ги носат на вакцинирање децата кои годинава се запишани во прво одделение во општинските основни училишта. Градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски, информациите за редовната имунизација ги сподели на денешната прес конференција добиени од ЈЗУ Здравствен дом Велес.
Постапката на имунизација се спроведува во амбулантата за школска медицина која, во изминатите неколку дена, ја посетиле 40 запишани првачиња. Тие го поминале систематскиот преглед, направиле анализа на крвна слика и потоа ја примиле задолжителната ревакцина против ситна сипаница, заушки и рубеола.
-Децата ја примаат вакцината додека се новороденчиња, на 12 месечна возраст, додека ревакцината против ситна сипаница, заушки и рубеола ја примаат пред запишување во прво одделение. За неколку дена 40 дечиња од Велес покрај систематскиот преглед се веќе ревакцинирани. Службата за имунизација до крајот на месец август, годинава, ќе ја спроведе ревакцинацијата на вкупно 750 првачиња од трите општини Велес, Чашка и Градско. Засега имаме доволни дози на вакцини и сме во очекување на дополнителна количина. Вакцинацијата се реализира според посебно утврден протокол на епидемија од коронавирус на Министерството за здравство, рече д-р Пандели Божиков, спедијалист по училишна медицина.
Протоколот за вакцина во услови на Ковид 19 содржи точно утврдени термини за вакцина на временско растојание од 30 минути, во текот на денот, задолжителна дезинфекција на рацете за децата и родителите, како и за здравствените работници кои исто така работат со заштитни маски, визири и ракавици./У.Ј