Само еден велешанец со Ковид 19 на болничко лекување, останатите од вардарски регион
31.07.2020
На инфективното одделение во Општа болница Велес од Ковид 19 се лекуваат вкупно 16 пациенти. Четиринаесет се потврдени со направен тест додека двајца пациенти се сомнителни. Помеѓу лежечките пациенти има само еден од Општина Велес.
-Само двајца од вкупно 16 пациенти се на кислородна поддршка. Здравствената состојба на сите пациенти засега е стабилна, рече портпаролката д-р Весна Николовска Неделкова.
Според информации на Министерството за здравство во последните 24 часа регистрирани се четири нови случаи на заболени велешани и исто толку, четворица, оздравени.
Во вардарски регион новозаболени се водат и пет граѓани на Кавадарци како и еден жител на Свети Николе.
Денеска, кога Институтот за јавно здравје регистрира најголем број на оздравени пациенти од почетокот на епидемијата во државата, вкупно 534, освен четворицата велешани во регионот има и петмина жители на Свети Николе./У.Ј