(ФОТО) Сите вработени во детската градинка „Димче Мирчев“ во Велес во креативна акција за подготовка и на дворовите пред да стигнат децата
2.09.2020
Со четки во рацете ги затекнавме денеска воспитувачките, негувателките и техничкиот персонал во дворот на првиот клон на детската градинка „Димче Мирчев“ во Велес. Тие го бојадисуваа просторот за игра на децата кои за седум дена ќе се вратат во установата.
Освежувањето на креативниот приказ за игра следеше откако заврши бојадисувањето на оградата на дворната површина. И не само овој, туку и во останатите пет клона во градот и трите во Караслари, Чашка и Градско добиваат нов лик. Според зборовите на директорката Маја Велиновска сосема ќе бидат преуредени дворовите за да овозможат згрижените деца да бидат повеќе време во текот на денот на отворено.
– По повторното генерално чистење и уредување на занималните, спалните, трепезариите, дезинфекцијата на дидактичкиот материјал и играчките, како и на кујните и тоалетите во понеделник, на 7 септември, ќе следи уште една дезинфекција во објектите. Тогаш веќе ќе можеме да соопштиме дека сме целосно подготвени да им посакаме добредојде и да ги примиме децата во објектите на градинката. Ќе соопштиме и дека ќе имаме занимални на отворено со цел да ги примениме сите протоколи за безбеден престој на малите велешанчиња. Тоа ќе бидат убаво уредени простори во кои децата ќе учат и ќе истражуваат, согласно временските услови, додаде Велиновска.
Таа уверува дека максимално е искористена креативноста на сите вработени во општинската детска установа која родителите и граѓаните ќе можат да ја препознаат при првата посета на објектите, веќе наредната недела. Во дворовите има нови реквизити како бунар за вода и печурки изработени од рециклирани материјали, засадени и интересно декорирани саксии, уредени површини а се изработуваат и отворените занимални за кои се користи дрво.
Во шестиот клон на градинката, на левата страна на градот, набрзо ќе биде целосно преуреден дворот бидејќи таму ќе биде подигната првата „Зелена детска градина“ во Велес како дел од проект на Фондација за локален развој и демократија „Фокус“ финансиски поддржан од Министерството за животна средина и помогнат од Општина Велес.
Во дворот ќе биде засаден дрворед од туи, оградата ќе биде претворена во вертикална градина, на украсени палети во саксии ќе се садат зачини додека во дворот ќе биде поставен и пластеник за одгледување на здрава храна. Неа ќе ја засадат и за градинарските плодови, се до берба, ќе се грижат децата а потоа од нив во кујната ќе се приготвува и храна./У.Ј