Средношколци од Велес барат физичко присуство на настава за квалитетно образование, пристапни рампи и лифтови во училиштата за врсници со посебни потреби, час за Граѓански активизам во наставата
11.09.2020
Не сите средношколци во Велес сакаат да посетуваат онлајн или комбинирана настава во услови на епидемија на Ковид-19. Постојат и средношколци кои сметаат дека е потребно физичко присуство поради добивање на квалитетно образование. Дел од нив се незадоволни што јавно не се соопштени резултатите од анкетата на Министерството, Бирото за образование и Општина Велес со изборот на видот на образование.
Освен за квалитетот на образовниот процес, на синоќешната дебата на тема „Младите и граѓанскиот активизам во Велес“,присутните средношколци од четирите средни училишта во градот побараа нови и современи лаборатории за изведување на практична настава опремени со нови апарати, обука на наставниот кадар за поквалитетно образование, подобри хигиенски услови во училиштата, течен сапун и хартија во тоалетите а во ОСУ „Јовче Тесличков“ реновирање со поделба на женски и машки тоалети како и поставување на пристапна рампа и на лифт за потребите на врсниците со посебни потреби.
За дел од средношколците потребен е еден училишен час неделно за Граѓански активизам.
Овој наставен час треба да ја поттикне целосната незаинтересираност на средношколците за активности и волонтерски акции. Присутните средношколцие предлагаа и конкретни граѓански иницијативи во кои тие ќе треба да се вклучат преку собирање на сметот и хортикултурно уредување на училишните дворови за кои потоа ќе се грижат, поставување на поголем број на корпи за отпадоци, отстранување на графитите со говор на омраза на сидови низ градските улици, пошумување на голите ридови околу Велес, отврање на читални на отворен простор, подигнување на што поголем број на градини, паркови со булки, лалиња и лаванда, отворање на градско кино, на отворена младинска сцена и слично.
Средношколците ги бараа и откриваа причините за сериозната не заинтересираност на младите за се што се случува во локалната заедница и во државата. Побараа одговор од локалната власт зошто сеуште не е формиран Младинскиот совет на Општина Велес?
Првичните предлози од дебатата што во вторник, на 15 септември, ќе ги комлетираат како директни барања за да ги испратат до политичарите, на локално и државно ниво, средношколците ги поттикнаа со своите обраќања Зоран Илиески извршниот директор на Коалиција на младински организации „СЕГА“, Игор Смилев долгогодишен граѓански активист и претседател на ЗГ „Грин Пауер“ и Ивана Мирчевска секретар на Клуб на млади на Фондација за локален развој и демократија „Фокус“.
Дебатата, што се одржа во паркот пред дворот на ОСУ„Димитрија Чуповски“ ја организираа Клубот на млади на Фондација „Фокус“ од Велес и Коалиција „СЕГА“од Прилеп како акција во рамки на проектот „Младите и европските вредности“./У.Ј