Поголем број на дечиња до две години ќе бидат згрижени во градинката во Велес, интересот е слаб во Караслари, во Чашка и во Градско
15.09.2020
Само во трите клона на градината „Димче Мирчев“ во село Караслари, во Чашка и во Градско интересот за згрижување на дечиња е мал. За претстој во шесте клона на градинката во Велес е далеку поголем и од ден во ден се зголемува интересот на родителите. Со новата Одлука на Владата ќе се зголеми бројот на дечиња во групата до две години. Во моментов во установата запишани се 1081 дете.
-Најголем интерес за згрижување има во групите на деца од 0 – 2 години ,за коишто поради малиот број на деца кои може да се прифатат или најмногу шест, институцијата не можеше да излезе во пресрет на сите барања.Но, со оглед на новата одлука којашто вчера беше донесена од Владата бројот на деца во овие групи ќе се зголеми на 12,а со тоа и можноста за нови уписи, рече градоначалникот Аце Коцевски.
Согласно протоколите за ограничен број на деца во групите од минатата недела, поточно 9 септември, во деветте клона на Градинката „Димче Мирчев” во Велес, во село Караслари, во Чашка и во Градско од вкупно запишани 1081 прифатени и згрижени се вкупно 650 дечиња.
Приемот на децата се врши на вкупно 20 влезови, на кои секојдневно од страна на посебно задолжени лица од градинката, на децата им ја мерат температурата со безконтактен термометар и уредно се евидентира во евидентен лист. Децата кои имаат покачена температура на влез не се прифаќаат во градинка.
Во случај на симптоми на КОВИД -19 ,градинката има посебен Алгоритам за постапување,со децата и со возрасните.За таа цел во секој објект има определено соба за изолација и медицинско лице коешто во случај на потреба ќе ги извести родителите,матичниот лекар и Центарот за јавно здравје.
До денес, здравствената состојба на децата и вработените е стабилна. Родителите доследно се придржуваат на пропишаните протоколи при приемот, држат соодветно растојание на посебно одбележани симболи ,носат заштини маски,доаѓаат во градинка во временската рамка која ја навеле во сопствената изјава.
Со оглед на тоа дека капацитетите не се целосно исполнети, во периодот што следи градинката планира да направи дополнителни анкети со останатите родители со цел да излезе во пресрет на што е можно повеќе семејства на кои згрижувањето на детето им е секојдневен проблем./С.А