Др Николовска Неделкова: „Стабилен, во добра состојба е 51 годишниот полицаец кој се лекува во Општа болница Велес“
25.09.2020
Во стабилна состојба и надвор од животна опасност е тешко повредениот 48 годишниот командир на полициската станица во населба Чашка кој синоќа заработи фрактура на черепот, откако беше нападнат од дрвокрадци, кај селото Степанци, во Општина Чашка. Во болницата во Велес се опоравува неговиот колега 51 годишен полицаец тепан исто така со дрвена палка од што добил сериозни повреди во стомакот.
По извршената операција, командирот на полициската станица во Чашка е свесен и контактибилен, велат лекарите од Клиниката за неврохирургија, каде полицаецот е хоспитализиран од вчеравечер.
-Пациентот примен во текот на вчерашниот ден, се наоѓа на Клиниката за неврохирургија, на прием беше лесно поспан. Има повреда на скалпна рана на поглавнината, фрактура на базата на черепот и во челниот дел, како и фрактура на лицевите коски, една подлабока мозочна контузија и фрактура на десна подлактица. По спроведениот конзервативен третман е свесен, контактибилен и во стабилна состојба и во тек ќе бидат направени дополнителни дијагностички испитувања“ изјави др. Владимир Рендевски, директор на Клиниката за неврохирургија.
И останатите четворица повредени полициски службеници, кои синоќа интервенирале во атарот на село Степанци, кај Чашка се во добра здравствена состојба.
-По опсервацијата во текот на ноќта и следењето на нивната здравствена состојба денеска, еден од двајца од потешко повредените пациентите е пуштен дома додека на Хирушкото одделение се лекува 51 годишен пациент повреден во пределот на стомакот. Од вкупно петмината кои беа примени синоќа двајца пациенти беа испратени на домашно лекување додека поради тешки повреди здобиени од тап предмет во пределот на главата еден од нив беше испратен, како итен случај, на Клиниката за Неврохирургија во Скопје, рече д-р Весна Николовска Неделкова портпарол на Општа болница Велес.
Петмината полицајци се повредени вчера во инцидентот што се случи на еден километар пред селото Степанци, на стариот пат Извор – Прилеп. Тие биле на службена задача поточно во контрола на откриени 40 диви дрвосечачи, на кои им заплениле две возила. Групата откриени дрвосечачи дала отпор и со палки ги нападнале полицајците. Двајца од нив се тешко повредени. Во критична состојба беше 48-годишниот командир на полициската станица Чашка./У.Ј