Почна новата учебна година за 3876 ученици во Велес, голем дел учат онлајн и се соочија со проблем за вклучување
1.10.2020
Во новата учебна 2020/2021 година, што годинава за прв пат започнува со еден месец задоцнување, во основните и средните училишта во Велес ќе се образуваат вкупно 3876 ученици, од кои 485 првачиња. За сите нив денеска официјално започна школската година. Но, не сите успеаја да се вклучат во онлајн наставата што ја избраа како опција нивните родители поради епидемијата на коронавирус.
Со физичко присуство наставата започна за учениците од прво до деветто одделение во ООУ „Стојан Бурчевски Буридан” во селото Иванковци, од прво до петто одделение во сите останати подрачни училишта како и учениците од прво до трето одделение во основни училишта во градот.
Засега, настава на далечина ќе следат учениците од четврто до деветто одделение во основните општински училишта во Велес како и сите средни општински училишта на територија на Општина Велес.
Голем дел од средношколците за Дума.мк соопштија дека не успеале да се вклучат во онлајн наставата бидејќи користеле мобилни телефони. Проблеми имале и дел што користеле компјутери или лап топи.
– Јас успеав да се вклучам и да проследам онлајн настава за трета година во СОУ „Јовче Тесличков“ но, не и успеа вклучувањето на мојата сестра која учи во основно училиште, рече ученичката Ивана.
Доколку таа и нејзините соученички не успеат од понеделник да се вклучат онлајн тогаш наставата ќе ја следат на националниот јавен сервис МТВ./У.Ј