Се затоплуваат или не училниците во ООУ „Блаже Конески“, ВМРО ДПМНЕ и раководството на училиштето со спротивни тврдења
27.10.2020
Времето е ладно а учениците и наставниците од ООУ „Блаже Конески“ како и секоја година немаат греење иако грејната сезона започна пред точно 12 дена, реагираа денеска од ОК на ВМРО ДПМНЕ . Ваквата партиска реакција следува одкако револтирани родители на ученици кај нив се пожалиле дека во училиштето не било обезбедено греење за децата кои посетуваат настава како и за нивните наставници. Родителите тврделе дека децата им седат со јакни и од училниците за што реагирале и од училиштето добиле одговор за неисплатливост да вклучат греење за само неколку училници, соопшти портпаролот на ВМРО ДПМНЕ Филип Арилон.
-Ги прашуваме јавно, директорот на училиштето и градоначалникот Аце Коцевски, дали е ова вистина? Дали здравјето на децата, во време кога почнуваат сезонските грипови и Ковид пандемијата зема се поголем замав, е побитно од економската исплатливост? Дали за ова ја информиравте Министерката за образование Г-ѓа Мила Царовска која минатата недела беше во Велес, и дали таа можеби понуди решение? Што планирате да направите за децата и наставниците да не премрзнуваат за време на наставата ?, рече Арилон.
Тој јавно ги прозва локалната и државната власт со констатација дека имаале доволно време да најдат решение за овој проблем во изминатиот период со одложената настава кога можеле да обезбедат локални системи за греење во секоја од училниците каде се одвива настава со физичко присуство, но и во просториите од каде наставниците одржуваат онлајн настава.
-Или да го прилагодат системот за централно греење според капацитетот и потребите. Ние како ВМРО- ДПМНЕ бараме брза реакција и одговор по однос на ова прашање. Децата и професорите не смеат ни ден повеќе да одржуваат настава во ладни простории. Бараме овој случај целосно да го истражи Државниот просветен инспекторат и доколку тврдењата на загрижените родители се точни бараме одговорност од надлежните, додаде Арилон. Тој на новинарско прашање одговори дека изворите на нивните тврдења биле сигурни, поточно поголем број на родители.
Но, раководството на ООУ „Блаже Конески“ во Велес излезе со сосема поинаков став. Директорот Јованче Манасков ги демантира обвинувањата на ОК ВМРО ДПМНЕ дека во училиштето нема греење.
– Греење е обезбедено во секоја просторија каде што се одржува настава со физичко присуство во училиштето. Во интерес на објективно информирање на јавноста, најодговорно тврдиме, дека додека трае реконструкцијата на системот за топловодно греење во училиштето која што е во завршна фаза, просториите секојдневно ги затоплуваме со други грејни тела. Напоменуваме дека изнесувањето на невистини во јавноста е одвлекување на вниманието од успешното раководење на училиштето во кое за помалку од три години се направени инвестиции од околу 300 илјади евра. Една од нив е и целосната реконструкцијата на системот за парното греење во кое што не беше интервенирано повеќе од 35 години. Со овој зафат обезбедуваме современ систем којшто не само што многу поефикасно ќе го затоплува целото училиште туку и ќе прави заштеди, напиша директорот на училиштето Јованче Манасков.
Став денеска побаравме и од Општина Велес. Од таму најавија дека поради службеното отсуство на прозваниот градоначалник, Аце Коцевски, по обвинувањата ќе се произнесат во текот на утрешниот ден./У.Ј