Коцевски: Во училниците, во кои се одвива настава со физичко присуство на учениците, во ООУ„Блаже Конески“ имаа греење
28.10.2020
Tврдењата на дел од родителите дека во училниците во ООУ „Блаже Конески“ нема греење се невистинити, напиша во одговорот на новинарско прашање градоначалникот Аце Коцевски. Во писмениот допис Коцевски вели одговорно тврди дека уште од почетокот на грејната сезона училниците во кои се одвива настава со физичко присуство на учениците, од прво до трето одделение, имаат греење.
„Обезбедени се грејни тела кои ги затоплуваат училниците. Инаку реконструкцијата на топловодниот систем во училишната зграда е во завршна фаза и е во вредност од 11. 800. 000, 00 денари со вклучен ДДВ. Од денеска, среда, 28.10.2020 започнуваат топлите проби по ламели. Со реконструкцијата на топловодниот систем во ООУ „Блаже Конески” ќе се обезбеди современ систем кој овозможува посебно греење на секоја ламела. Нарачател на проектната документација за реконструкцијата е Општина Велес, а се реализира со средства од Министерството за образование и наука. Ваквите обвинувања се политички инструирани и не соодејствуваат со вистината. Реакциите не се ништо друго освен собирање на ситни политички поени врз најмладата популација на општина Велес, децата,“ додава Коцевски.
Сличен одговор на прозивката на локалната опозиција вчера даде и директорот на ООУ„Блаже Конески“, Јованче Манасков кој ги демантираше обвинувањата со тоа што тврдеше дека греење имало во сите училници и дека проектот за новиот систем за греење во училиштето бил во завршна фаза поточно дека наскоро ќе се тестира и ќе биде ставен во функција.
Одговорот на Општина Велес следи по вчерашната прозивка од страна на ОК на ВМРО ДПМНЕ за директорот на училиштето Јованче Манасков, градоначалникот Аце Коцевски и министерката за образование Мила Царовска по реакции на родители, како што рече партискиот портпарол Филип Арилон, дека учениците од прво до трето одделение и наставниците мрзнеле во училниците затоа што од почетокот на грејната сезона немале затоплување./У.Ј