Првородената велешанка, во новата година, наместо во болница се роди дома
4.01.2021
Телефонскиот повик во Итна помош со кој вчера вечер, во 21.30 часот, таткото на дваесет и тригодишната Симона Панова, побарал помош за сопствената ќерка гласел: „Побрзајте ве молам, таа се породува дома“ на медицинската екипа во службата на Здравствен дом Велес веќе и го дал првиот сигнал дека токму тие ќе го имаат први во раце, првиот жител или жителка на Велес во новата година.
По пет минути од пријавата, Д-р Марјан Мишев, медицинската сестра Соња Најдовска и возачот Кире Шопов, веќе биле во домот на Симона Панова на улица: „Максим Горки“ бр.90 и таму ги затекнала убавата глетка на штотуку родено женско бебе. Додека сестра Најдовска се погрижила околку новороденчето д-р Мишев интервенирал над среќната мајка која сеуште се жалела на болки.
-Транспортот до велешка болница беше организиран откако на радио врска, на која постојано комунициравме со нашата екипа, добивме проценка од лекарот дека можеме да ги пренесеме. И за нас, како служба за Итна медицинска помош ова е прво искуство со раѓање на прво новороденче во годината во домашни услови. Ги слушавме и мајката и бебето се додека ги изнесоа од амбулантното возило пред болницата за да ги предадат на колегите од Гинеколошко акушерското одделение. Тоа е преубаво чувство, рече д-р Васе Поп Стефанова Панова началничка на Итна помош.
Првата велешанка во 2021 година е тешка 2 кг и 980 грама а е долга 50 сантиметри.
-Новороденчето е прва рожба на 23-годишната Симона Панова и таткото Љупчо Митров. Родителите сеуште го немаа избрано името на својата ќерка, рече д-р Елеонора Јованова, портпаролка на Општа Болница Велес.
Велешани првиот жител во новата 2021 година го чекаа три дена. И додека сите очекуваа веста да ја соопшти гинеколошко акушерската служба нестрпливата мала велешанка се роди дома и ги примора вработените од Итна помош да бидат тие што ќе ја соопштат радосната вест.
Според проценките на лекарскиот тим на Гинеколошко акушерското одделение на јавноста новороденчето ќе може да и се покаже дури утре поради претпазливост и мерки за заштита.
Од општината најавија дека најверојатно во текот на утрешниот ден новороденчето и мајката Симона ќе ги посети Градоначалникот на Велес Аце Коцевски за да им го предаде чекот вреден 12 илјади денари и останатите подароци. Претходно, подароци за првото бебе во новата година донираа и други донатори.
Убавка Јаневска