Комуналните работници чистат додека велешани фрлаат големи количини на комунален отпад и на погрешни места
27.01.2021
Вреќа со комунален отпад, заврши до улична корпа на тротоар. Во корпата пластичен отпад но и картонска амбалажа. Наместо за минувачи поставените корпи ги користат граѓаните од околните згради и сопствениците на продавници, велат од ЈКП „Дервен“.
Оттаму додаваат дека на централните градски улици во Велес, се поставени освен контејнери за комунален отпад исто така и за картонска амбалажа, стакло и пластика. Но тие се неколку чекори подалеку од уличните корпи.
-Уличните метачи во два наврати го собираат сметот од корпите и метат околу нив. Во прва смена од седум до 13 часот и попладне, втора смена, од 14 часот до 18 часот. Но пак тие се преполни со комунален смет, амбалажа, картонски кутии и друг вид на отпад. Еве вие сте фотографирале и полна вреќа со домашен комунален отпад, оставена до уличната корпа. –рече Тони Јовиќ, директор на ЈКП „Дервен“
Ништо подобра не е состојбата и со контејнерите како низ центарот така и на периферијата на Велес. Контејнерот позади хотел „Интернационал палас“ постојано е преполн и околу него има расфрлан смет. Оваа глетка ќе ве затекне во вечерните и ноќните часови иако во центар, до зградата на Централен регистер има поставено два нови подземни контејнери.
-Проблемот е стар цела една година, постојано се обидуваме да ги празниме контејнерите два пати во текот на едно деноноќие и тие се постојано полни со смет. Колку и да посакуваме поголемо максимално вложување на работниците ако немаме соработка со граѓаните не можеме да постигнеме цел. Потребна е едукација на граѓаните и помош од новинарите во јакнењето на јавната свест за чиста и во исто време здрава животна средина.- додаде Јовиќ.
Јавното комунално претпријатие апелира до велешани, да бидат повнимателни и да не ги преполнуваат контејнерите. Во исто време тие да се користат правилно и комунален смет да се фрла во надземните и во подземните контејнери додека картонска амбалажа, стакло и пластика во означените контејнери за оваа намена.
Бидејќи еден подземен контејнер чини 400 илјади денари потребна е поголема грижа од страна на граѓаните затоа што за седум дена во два наврати беше запален еден како и еднаш втор од истурање на домашни ложишта.
Стефани Манева