(ФОТО) Филтерна станица на ЈКП „Дервен“ одбележа три децениски јубилеј: Инвестиции за уште подобар квалитет на водата за пиење
03.03.2021
30 години по свеченото пуштање во употреба на филтерната станица што велешани популарно ја нарекуваат фабрика за вода, тогашниот технички директор а сега пензионер Ангел Маџаров, вели граѓаните на Велес беа и се’ уште се горди на фактот што пред три децении започнаа да пијат здрава и квалитетна вода. Тој се присети дека вложениот труд на тогашниот тим на раководители Борче Мимов , Панче Леков, Фидан Цековски, Васка Југова, Ѓоре Јорданов како и велешани кои одвојуваа во два наврати од сопствените плати и плаќаа придонес во вредност од 10 милиони евра,за да овозможат да се изгради овој објект како и цевковод што дирекно од браната „Лисиче“ ја носи водата во филтерната станица.
-Ова е еден пријатен момент и задоволство на некој начин што одреден труд на екипата која го реализираше овој проект покажува дека вложениот труд 30 години подоцна не бил залуден, дека перфомансите на овој објект овозможува водоснабдување на Велес што е се подобро и подобро. Од тогаш најлош град од аспект на водоснабдување во Македонија стигнавме меѓу првите три најдобри градови во државата. Чувството е пријатно ни се исплати трудот, проектирањето на објектот, градењето и исто така мој впечаток е дека луѓето кои работат овде извонредно и професионално си ја работат работата што е очигледно и денеска додека минеш покрај овој објект тој изгледа како вчера да е изграден а не пред 30 години. Тоа покажува дека вработените во ЈКП „Дервен“ постојано се грижат за него од сите аспекти и благодарност и до нив што го држат тоа ниво на квалитет и на вода и на објектот, рече Маџаров.
Оваа изјава тој денеска ја даде кога се одбележа јубилејот посветен на три децениското континуирано обезбедување на здрава и квалитетна вода за пиење на граѓаните во Велес. Објектот на филтерната станица е исто толку години стар додека внатре, процесот на обработка на водата за пиење постојано се усовршува. Водата доаѓа од вештачката акомулација на хидросистемот „Лисиче“ во кој се собираат 24 милиона метри кубни вода од реките Тополка и Врановска река што е повеќе од доволно не само за снабдување на вода за пиење на градот туку и за околните места.
– Водата што се доведува од Лисиче се обработува преку неколку технолошки процеси, се конторлира нејзината исправност и се дистрибуира во градската дистрибутивна мрежа . Денешниот капацитет на фабриката изнесува 300 литра во секунда, водата за пиење мине низ неколку технолошки процеси. Во овие 30 години вложивме доста големи средства пред се да се надогради објектот како и технолошкиот процес преку набавки на неколку компресори за производство на воздух во процес на озонирање на водата, изградба на ламар таложник, обезбедување на дополнителен капацитет од 200 литра во секунда, комплетено заменета постојка за завршно хлорирање како и обезбеден нов озонатор. Би сакал да му се заблагодарам на работниот тим во фабриката за обработка на вода за пиење за досегашната успешна работа и да им го честитам на моите колеги јубилејот 30 години непрекинато функционирање и постигнување успешни резултати, рече директорот на ЈКП „Дервен“ , Антонио Јовиќ.
Пред дел од поранешните директори на фабриката, вработени во ЈКП „Дервен“ и претставници на институции Градоначалникот Аце Коцевски честитајќи им го јубилејот на вработените потенцираше дека овој објект е резултат на донесена мудра одлука на раководителите пред три децении кои на стратешки план, долгорочно и трајно го решиле проблемот со водоснабдување на населението од Општина Велес.
– Ние може да се пофалиме дека пиеме квалитетна чиста, здрава вода за пиење и покрај тоа што има проблеми со водите кои се влеваат во хидро системот „Лисиче“ поради тоа што не е изграден колекторски систем и прочистителна станица за прифаќање и третман на отпадните води од селата кои се наоѓаат над браната. Тоа треба да биде еден голем предизвик на Општина Велес но и Општина Чашка како дел од Вардарски плански регион заедно со ЈКП „Дервен“, да обезбедиме финансиски средства за решавање и на овој проблем. Тогаш ќе бидеме сигурни дека во иднина водата ќе ни биде уште по квалитетна. Водата и сега е квалитетна но треба да се вложуваат средства за да се доведе водата во исправна состојба. Ова е добра прилика да кажам и неколку работи. Би сакал да упатам апел до актуелното раководтво на „Дервен“ да не го запоставува системот на рени бунарите, што се случи поради негрижа во изминатиот период, затоа што не знаеме какви времиња доаѓаат и што може да се случи. Сакам да укажам доколку дојде до некоја идна претпоставена ситуација да не може да се користи водата од хидросистемот „Лисиче“, би било добро граѓаните и граѓанките на Велес да имаат и алтернативен извор за вода за пиење а тоа е рени бунарите. Би било добро Управниот одбор и раководството да вложат напори рени бунарите повторно да се оспособат и да бидат во функција во некоја идна дадена ситуација. Состојбата со воведување на нов систем за читање на водомерите исто така сметат дека може да се направи многу на тој план, рече Коцевски.
Градоначалникот го пофали актуелното раководство на комуналното претпријатие за предвидените инвестиции особено за квалитетот на водата или „Скада“ што е систем за контрола, управување и мониторирање на идстрибутивниот систем за водоснабдување и чини над 200 илјади евра, инвестирање во трајно решавање на загубата на вода, усовршвање на лабораторијата која го мери квалитетот на водата. Дервен планира годинава вложување на 40 милиони денари за подобрување на работата преку која бенефит ќе имаат граѓаните на Општина Велес. Финансиските средства претпријатието ги има на својата жиро сметка.
Убавка Јаневска