Обучените возачи ќе можат да полагаат возачки испит во Велес, Кавадарци и Неготино
01.04.2021
Вчера е издадена лиценцата на Испитен центар Велес од страна на Министерство за внатрешни работи. Тоа значи дека членовите на Комисија за спроведување на возачки испит можат да ги повикаат автошколите во Велес, Неготино и Кавадарци да започнат со пријавување на кандидатите кои веќе се обучени за полагање на возачки испит.
Ова денеска го потврди Министерство за внатрешни работи до кого Дума.мк испрати е-маил со прашање кога ќе биде формирана Комисија за спроведување на возачки испит за подрачјето на СВР Велес, поточно градовите Велес, Неготино и Кавадарци и кога членовите на комисијата ќе ги добијат лиценците за работа.
„Во врска со Вашето барање, Ве известуваме дека постапката за избор на испитен центар каде ќе се спроведуваат возачки испити за подрачје на СВР Велес е завршена и во наредните денови ќе отпочне со работа новиот испитен центар.“, пишува во одговорот МВР.
Ова е значајно за над 2.000 обучени кандидати, од трите градови, кои во изминатите шест месеци не можеа да го полагаат возачкиот испит особено за оние што лекарското уверение им е пред самиот рок на важност. Дел од нив не информираа дека ќе се соочат со финаниски проблем во висина од 1.750 денари затоа што ќе мораат да вадат нови лекарски уверенија. Тие веќе еднаш ги извадиле за да се пријават за обука во автошколите за што е потребно да се плати околу 30.000 денари. Толку чини обуката за возачки испит.
Сега се чини дека проблемот е решен и ќе може без проблеми да започне процесот на полагање на испитот. Единствено што Дума.мк очекува од МВР е уште да го соопшти правното лице што ја доби лиценцата за спроведување на испитот.
Убавка Јаневска