Граѓаните и на дождот што врне вечерва излегоа пред домовите. Како што налага старата традиција возрасните велешани ги наредија дрвата и го запалија огнот додека наоколу трчаа децата. Тие се највесели коледари вечерва на улиците во Велес што со нетрпение  ги очекуваат толите коледарски колачиња. Нив ги месат и печат  сите домаќинки, баби и мајки, почитувачи на традиционалното одбележување на Коледе. Штом колачињата се стават во рерна тогаш започнува подготвката на салатите од кисела зелка и вадењето на туршијата која во чинии ќе ја изнесат надвор на Коледето. Мажите веќе ја греат ракијата. Седнати околу коледарскиот оган, браќа, соседи и пријатели со чашка во рака ги пеат коледарските песни. И само во Велес тие се еротски или како што велешани ги нарекуваат мрсни песни. И сите имаат ист крај: „Ооо Коледе“.

Дископатијата и нискиот притисок му го отежнуваат одењето на педесет и пет годишниот Винко Симитчиев од Велес. Повеќе од неколку чекори не може да направи бидејќи го болат нозете а дополнителен проблем му прави и вртоглавицата. Нему нема кој да му помогне да си ги заврши личните работи оти живее сам во куќата што ја наследил од родителите. Винко е сам меѓу четири ѕида. Тој вака се мачи веќе пет години. Друштво му прави само кучето Дејана, неговата најверна пријателка.

Замрзнатиот дожд што падна вчера попладне од 17.30 часот направи проблеми на улиците во Велес. Не само во повисоките делови од градот, каде улиците наликуваа на вистински лизгалишта туку поледица имаше и во централното градско подрачје. Замрзнатиот дожд го отежна движењето на граѓаните и на возилата. Службите за одржување на градските улици веднаш фрлија сол и немаше лизгања на возилата на главните сообраќајници. Но поинаква беше состојбата на тротоарите. За кратко време по нив не можеше да се оди.

Малиот лифт во велешката болница веќе подолго време не работи. Сега сите, пациентите и граѓаните, го користат големиот лифт во петкатната болничка зграда кој вообичаено беше наменет за персоналот и за итните случаи во болницата. Но тој функционира само со чип па затоа вработените од централата постојано мораат да го отвораат за да можат граѓани и пациенти да стигнат до одделенијата. Директорот на болницата д-р Атанас Василев вели дека лифтот е стар дваесетина години и е дотрајан. Неколку пати досега бил поправан. Последен пат бил сменет и моторот но за кратко бидејќи бил максимално искористен повеќе не можел да се поправа.

Целосна заштита добија и палмите во Велес. Освен стеблата кои се завиткани со трска и јутени вреќи, сега со најлони се заштитија и листовите на тропските дрвја. На овој начин одговорните веруваат дека ќе ги заштиттат од измрзнување поради ниските температури. Деновиве службите со најлони ги заштитија листовите на четириесетината палми, насадени на неколку локации во градот, на влезот во Велес, во паркот кај поранешниот Офицерски дом и во Младинскиот парк.

Вчерашните врнежи од дожд и снег во велешко не создадоа снежна покривка.  Засега нема посериозни  проблеми на подрачјето на општините Велес, Чашка и Градско.  Патиштата  кон селата кои гравитираат кон Велес  се проодни. Единствено жителите на село Дреново  се пожалиле дека на неколку места на патот имало подрзнување.

Поврзани вести

 

Најново