По трет пат ракометниот клуб „Борец“ од Велес ја има честа да игра со Европски шампион. Во спортската сала „Гемиџии“ , вечерва, со почеток во 17 часот, ракометарите на „Борец“ ќе го одиграат последниот натпревар од Првата ракометна лига со црвено- црните вардаровци. Велешани ќе имаат можност да ги поздрават освојувачите на Европската титула па затоа експресно ги купија сите билети за натпреварот . Тие очекуваат добар натпревар бидејќи на Вардаровци им се потребни бодовите за да можат да го освојат првото место и пехарот на Ракометниот сојуз на Македонија.

Пред половина век, поточно во 1967 година , во рамките на Купот на Југославија велешки „Борец“ играше на тогашниот европски првак „Партизан“ од Бјеловар, Хрватска.

Беше прв и досега единствен македонски ракометен клуб кој се натпреварувал со два клуба освојувачи на Европска титула.

Тогаш натпреварот се одигра на отвореното ракометно игралиште на градскиот стадион во Велес.Во екипата на „Борец“ тогаш играа: Мијаков - Кошот,Кирков, Чаве, Васков, Клинчаров, Лазов -Цапот, Гигов, Мишо и уште неколкумина врвни ракометари на легендарната екипа која се натпреваруваше во Првата југословенска ракометна лига. На специјално изградените трибини натпреварот го следеа над 12.000 љубители на ракометот од Велес.Тренерот на тогашната екипа на „Борец“ Панче Николовски со насталгија истакна дека тој натпревар бил историски за градот и остави длабоки траги врз велешкиот ракомет.

„Беше голема чест да се игра со Европскиот првак „Партизан“ од Бјеловар. Овој натпревар беше празник не само за играчите туку и за целиот град. Еве денеска се повторува историјата , велешки „Борец“ игра со уште еден Европски шампион“, рече Николовски.

Во 1995 година, по втоп пат велешките ракометари, играа со европски првак поточно екипата на „Елгорјага Бидасора“ тогашен европски и шпански првак во рамките на Купот на шампиони. За жал Велес не беше домаќин на еден од натпреварите туку двете утакмици беа одиграни во Шпанија. 

Сите патишта попладнево ќе водат кон спортската сала „Гемиџии“ каде ракометарите на „Борец“ ќе ги пречекаат европските шампиони. Велешани ќе имаат можност да проследат професионален натпревар со надеж дека во иднина нивниот клуб ќе ја освои шампионската титула./С.А

Поврзани вести

Најново