Submit to FacebookSubmit to Google PlusSubmit to TwitterSubmit to LinkedIn

Велес одсекогаш бил спортски град. Во него се играл фудбал, ракомет, одбојка, кошарка и други спортови. Велешани живееле со спортот. Покрај град на ракометот во него, одсекогаш, во највисок ранг, се натпреварувале и кошаркарите, фудбалерите, чиј почеток бил кон крајот на дваесетите години од минатиот век, но, и одбојкарите, боксерите, кајакарите. Од спортовите на вода најпопуларно било кајакарството што и денес е најтрофеен .Кајакари од неколкуте клубови и сега достојно ги претставуваат Велес и Република Македонија на државни, европски и светски натпреварувања.

За тоа кога дел од овие спортови, за првпат почнале да се играат во Велес, се знае доста. Меѓутоа, за некои, многу малку се знае. Малкумина велешани знаат да кажат и да поткрепат со фотографии кој од овие спортови и кои личности први ја донеле и почнале да ја играат кошарката во Велес!?. Сепак истражувајќи заедно со колегата Љупчо Данов откривме кога и кои млади велешани за првпат ја донеле кошаркарската игра на велешки терен.

Еден од тие велешани, кој со збор и фотографии ни потврди кога првпат почнала да се игра кошарка во Велес и кои граѓани го формирале првото кајакарско друштво , е Томе Ѓорѓиев – Кормушот. Така напрекар го викаат неговите другари и пријатели. Со своите 83 години и подолгата спортска кариера Томе добро се сеќава на почетоците на некои од спортовите во Велес. Сето ова го поткрепи и со неколку фотографии, кој се уникатни и траен белег и со кои јасно и недвосмислено ни го потврди своето кажување. Најнапред ни раскажа за почетоците на кошарката во Велес како и за првите кои го донеле овој спорт во Велес.

„Во Велес кошарката почна да се игра во 1952 година. Ја донесоа Живко Тодоров, наставник по ликовно воспитување во Гимназија, како и Божидар Медаров – Бокачио. Тие беа во Белград на семинар за кошарка. На семинарот имало претставници од цела Југославија и за прв пат се запознале со правилата на кошаркарската игра. Тие во Велес ја донесоа и првата кошаркарска топка, која беше потешка и по обем поголема од денешната. Новина беше и правилото за три чекори, а слободните фрлања се изведуваа со подфрлување, одоздола. Во првата екипа беа Баже Ристов, Живко Тодоров, Тодор Гравчев. Имаше и еден турчин, Асан, ама го викавме Пепи. Ние дојдовме кратко време по нив. На фотографијата, од лево кон десно, се наоѓаме Орце Петрушев – Чончот, Томе Ѓорѓиев, Киро Милошевски, Петар Пепи Виларов, Љубомир Каров, Баже Ристов . Последен е Киро Бајрактаров, кој работеше во железница и ни беше како водач, домаќин, тренер и организатор. По нас во екипата дојдоа и Тодор Мијаков – Кошот, Живко Аџи Панзов, Драган Мурџев„ рече Томе Ѓорѓиев- Кормушот.

Почетоците на кошарката во Велес предизвикале големо внимание и интерес. Самите играчи, без ничија помош, игралиштето го направиле на Градскиот стадион, веднаш до фудбалското и до бараките што им служеле како соблекувални на екипите. Теренот го послале со згура, која на раце, во колички, ја носеле од железница. Потоа згурата ја набивале рачно, со големи , дебели трупци.

Првиоте табла,кош и металните делови ги направиле работниците, љубители на кошарка, од Колска.

 

Ова е првото кошаркарско игралиште што беше на Градскиот стадион на кое за првпат почна да се игра кошарка во далечната 1952 година.

„Во тоа време немаше кошаркарска лига. Се натпреварувавме на турнири. Ние за прв пат учествувавме на Вториот зимски турнир во Куманово во 1953 година. Таму играа екипи од Скопје, Куманово, Велес, Прилеп, Тетово. Немавме некој забележителен пласман. Игравме кошарка само кога времето дозволуваше, односно кога немаше дожд и снег. Се играше под ведро небо, бидејќи сала за игра немаше. Скоро сите мои колеги играа и одбојка и ракомет, па и фудбал. Пример за успешен спортист беше Тодор Мијаков , кој играше и ракомет и одбојка, а прекарот „ Кошот“ го доби кога на едн натпревар постигна стотина коша! Од овие денови ни останаа многу другарства , пријатни спомени и секако сеќавања на почетоците на кошаркарскиот спорт во Велес“, рече Ѓорѓиев.

 

Кошаркари од 1952 година ( од лево кон десно) Драган Мурџев, Томе Ѓорѓиев- Кормушот , а клечи Живко Милошевски.

 

Во наредните години кошарката се повеќе стануваше интересен спорт за младите во Велес. Се формира Кошаркарски клуб кои својот највисок дострел најнапред преку КК„Борец“ го достигна во средината на седумдесетите години па преку Кошаркарскиот клуб „Жито Вардар“, во осумдесетите години од минатиот век. Денес со успех кошарката ја негуваат играчите од КК „Борец“.


Стоилко Андреевски

Љупчо Данов

Поврзани вести

 

Најново