Во Велес Конференција на Федерацијата на спортски ветерани на Македонија
Откако се формираа Здруженијата на спортски ветерани во Скопје, во Велес, во Струмица, во Кочани и во Тетово како и иницијативни Одбори за формирање на здруженија во уште неколку македонски градови се исполнија условите за конституирање на Федерација на спортски ветерани на Македонија. Велес беше домаќин на конференцијата. Претставници од веќе формираните како и на иницијативните одбори за формирање на вакви спортски граѓански здруженија во градовите во државата го донесоа Статутот, Опреративна програма и Програма на Федерацијата на спортски ветерани на Македонија. Исто така ги донесоа одлуките со кои ќе се пристапи кон регистрација на граѓанското спортско здружение во Централниот регистер на Македонија, отворање на жиро сметка, потписници итн.
– Ќе почнеме да градиме национален систем на натпревари. Сите спортисти кои што ќе излезат од системот на натпревари се ветерани. Имаме категории на кои тие им припаѓаат како помлади и повозрасни ветерани. Повозрасните ќе имаат по лесни дисциплини за натпревари, рекреативни додека тие што сеуште можат ќе се натпреваруваат во ракомет, кошарка, одбојка според модифицирани правила. Се ова треба да биде во функција на здравјето. Ќе посветиме поголемо внимание на здравјето затоа што кај квалитетните спортисти може спортувањето да остави последици, рече проф. Насе Кондовски
Федерацијата на спортски ветерани на Македонија заедно со здруженијата во градовите ќе организираат и бројни спортски натпревари. Еден веќе се одржа во Велес кога во спортската сала „Гемиџии“ натпревар во ракомет одиграа ветераните на РК „Борец“ и на македонската машка репрезентација. Сега се започнати подготовки за организација на натпревар во кој силите ќе ги одмерат женските екипи.
– Наесен ќе се организира тој натпревар во рамките на турнир кој ќе биде посветен на велешки спортист. Велес е спортски град и затоа има многу спортски ветерани. На основачкото собрание на здружението дојдоа педесет спортски ветерани. Затоа ќе им обезбедиме услови за поквалитетен живот, рече Кондовски.
Засега поддржувачи на иницијативата се околу две илјади спортски ветерани во државата. Се очекува нивниот број да се зголемува со секое наредно регистрирано здружение во градовите во кои сеуште не е формирано./У.Ј