ГРК „Борец“: Градоначалникот Коцевски има 7 дена да соопшти ќе даде ли општината повеќе пари или клубот да се затвори
На Градскиот ракометен клуб „Борец“ му треба градот, граѓаните и особено фирмите за да се одржи. Без финансиски средства во висина од 900 илјади денари, за да врати затекнати долгови, да исплати три плати на ракометарите и да се консолидира не ќе може да опстане. И покрај тоа што Општина Велес на жиро сметката на клубот секој месец префрла по 125 000 денари тоа не е доволно да се одржи клубот. За ГРК Борец играат само велешки ракометари кои чекаат плата што не може да се обезбеди. Ако во рок од седум дена Градоначалникот и градот не понуди решение за излез од кризата тогаш клубот за жал ќе мора да се затвори, рече на денешната прес конференција Извршниот директот Ристо Велковски пред присутните од Бордот на директори на ГРК „Борец’.
-Во името на Управниот одбор го повикувам Градоначалникот да направи нова пресметка и да одлучи како понатаму ќе се финансира клубот затоа што овие пари што сега општината ги префрла се малку. Му даваме рок од седум дена. Нека не извести за да бидеме начисто каква ќе биде судбината на Борец. Управниот одбор може да се повлече. Финансиската состојба во клубот е многу тешка поради тоа што од буџетот на Општина Велес добиваме многу намалени дотации. Во споредба со 2017 година кога вкупно одобрените средства од општинскиот буџет изнесувале 5,5 милиони годинава годинава се само 1,5 милиони денари. Од овие 1,5 милиони денари само по основ на наследени долгови треба да вратиме 1.300.000,00 денари. И покрај малкуте пари или од само префрлените 900.000 денари управата успеа да им исплати на играчите плати што изнесуваа 250.000,00 денари, да врати долгови во висина од 250.000,00 денари и за на крај да не може да исплатиме три плати на играчите, рече Велковски.
Дарко Тикваров и Ристе Велковски
Бидејќи клубот е регистриран од страна на општината како акционерско друштво Градски ракометен клуб „Борец“ и не е здружение на граѓани сите досегашни обиди на Бордот на директори да дојде до финансиска помош се неуспешни.
Со зборовите: „Не го даваме ГРК Борец“ денеска на прес конференцијата помош побара и навивачката група „Гемиџии“. Нивни претставници има во Бордот на директори. Откако еднаш успеале од сопствени лични донации да му помогнат на клубот рекоа дека ќе сторат се да не пропадне спортската традиција по која Велес беше препознатлив во минатото.
– ГРК „Борец“ е единствениот клуб во градот што се натпреварува во супер лига. Управниот ја има нашата поддршка. Го повикуваме градоначалникот да се изјасни во дадениот рок од седум дена. Ние повеќе пати баравме средба со него но тој не сака да не прими. Ние не сме хулигани туку образовани луѓе од овој град и како навивачка група не сме направиле ниту еден проблем. Се трудиме на секој начин да придонесеме за клубот и не знаеме зошто е тој игнорантски однос кон нас од страна на градоначалникот, рече Дарко Тикваров.
Од навивачката група „Гемиџии“ рекоа дека се подготвени да оди од врата на врата и да бараат финансиски средства за повторно да му помогне на „Борец“./У.Ј