Велес домаќин на петтиот Пливачки маратон на велешко езеро „Младост“
Со учество на засега пријавени 20 рекреативни пливачи и со учество на засега пријавени 30 професионални пливачи од Македонија, во сабота на 15 септември, на езеро „Младост“ ќе се одржи петтиот Пливачки маратон. Манифестацијата ќе започне во 10 часот и ќе ја отворат пливачите рекреативци. Два часа подоцна или токму напладне во водите на езерото маратонот ќе започнат да го пливаат професионалните спортисти кои ќе се натпреваруваат на 2.500 и на 5.000 метри.
Овој маратонот се одржува со поддршка на Општина Велес, Пливачката Федерација на Македонија и стопанственикот Дине Гуџов. Маратонот е составен дел на Македонскиот Куп за далечинско пливање. На него, според најавите на организаторите на манифестацијата, годинава се очекува да учествуваат помеѓу 70 и 80 натпреварувачи. Сите ќе бидат од Македонија. Пријавувањето на учесниците сеуште трае.
Според Иле Попов од Здружението на граѓани „Клуб 28“ вгодина се очекува учество и на странски спортисти со што маратонот би прераснал во меѓународен.
– Би сакал да изразам голема благодарност на Општина Велес за поддршката што ја дава за маратонот, на фирмата „Вулканизер Дине“ за обезбедување на сите награди за учесниците на маратонот, на „Пан промет“ за организирањето на превозот на релација Велес – езеро „Младост“ и на крај сакам да им се заблагодарам на сите заинтересирани кои сакаат да дадат поддршка за спортот и да ги поканам да бидат дел од оваа спортска манифестација, рече Попов.
Маратонот ќе го обезбедуваат 20 спасители на Општинската организација на Црвен Крст во Велес и 30 кајакари кои се членови на кајакарските клубови во Велес . Организаторите ги поканија сите љубители на пливањето да бидат гости и да го проследат маратонот на велешко езеро „Младост“./У.Ј