Нови осум медали за борачите од „Будо“
На државното првенство во кик бокс за јуниори и сениори кое денеска се оддржа во Скопје во хала 5 на скопскиот саем, избраниците на Александар Ристовски и Тодор Анастасиев имаа уште еден блескав настап кој го комплетираа со пет медали.
Јуниорите имаа стопроцентен учинок, кој го најави Филип Ризов со новиот златен медал во категоријата кик лајт, а најсјајните медали завршија и на градите на Александар Велков и Ристе Атанасов. Кај сениорите Илија Камчев стигна до првата позиција, додека Никола Бошев ја загуби финалната битка и стигна до сребрениот медал.
„Жетвата“ на медали ја продолжија и ММА борците кои уште на првото државно првенство во ММА демонстрираа надмоќност и непогрешливост, што му донесе златни медали на сениорите Мартин Данев, Мартин Димитровски и Никола Бошев.
„Задоволен сум од целиот тим. Кик боксерите очекувано беа доминантни пред се поради поглемиот број на борби и искуство кое го имаат. Покрај нивните успесни, исто толку важен е и резултатот на ММА борците. Драго ми е што оваа боречка вештина полека влегува во нашата држава, има доста квалитетни борци, но што е најважно, ние не заостануваме зад нив, а потврда за тоа се и трите злата“ – рече меѓу другото Александар Ристовски, тренер на клубот за боречки вештини „Будо“, најавувајќи уште една успешна и доминантна сезона и во кик бокс и во ММА.