Ветераните на македонската ракометна репрезентација ги победија ветераните на РК „Борец“ во ревијалниот натпревар на Здружението во Велес
Поранешните ракометари на велешки „Борец“ Петре Тутарков, Тоше Кирков, Лоренс Андов, Фидан Кузмановски, Стефан Николиќ, Игор Тодоровски, Горан Климкаров, Ристе Кацаров, Томе Стојановски, Љупче Минов, Зоран Виларов, Сашко Ѓошев, Тале Темелковски, Стојанче Мирчев и Марјан Каџбанов и се спротивставија на македонската ракометна репрезентација составена од ветераните Тони Димовски, Љубиша Давковски, Зоран Кузмановски, Тони Петрески, Никола Бисинов, Сашо Брндевски, Кристијан Илиоски, Среќко Ѓоргиевски, Пепи Манасков, Деан Кимевски, Тоше Ташковски, Далибор Лукиќ, Ники Пандев, Стевче Стефановски, Тони Николовски и Ванчо Кузманов изминатиот петок во спортската сала „Ѓемиџии“ во Велес.
Таму ветераните на двете ракометни екипи, домаќините предводени од тренерот Ристе Велковски и гостите од тренерот Бранко Вељанов, одиграа три десетинки и го дадоа својот придонес во фер игра во која победник беше посилниот, тимот на македонската ракометна репрезентација со постигнати 21 гол наспроти домаќините со постигнати 17 гола.
Покрај македонската ракометна легенда Пепи Манасков, кој две десетинки одигра за националниот и во последната десетинка го облече дресот на екипата на ветераните на РК „Борец“, вториот велешанец што настапи во тимот на гостите беше и поранешниот репрезентативец Никола Бисинов.
Манасков беше најефикасниот ракометар кој за репрезентацијата постигна шест а за РК „Борец“ три гола или вкупно девет. На листата со голови од домаќините се запишаа и Климкаров со четири, Тодоровски со три, Кацаров и Виларов со постигнати по два како и Николиќ, Стојановски и Ѓошев со по еден гол. Кај гостите најефикасен беше Давковски со четири, потоа по три гола постигнаа Кузмановски и Ташковски, два Илиоски и Николовски и еден гол Ѓоргиевски.
Натпреварот го судеа велешаните Даниел Ристовски и Роберт Пановски, го контролираа Петре Климкаров и Баже Петров, записничар беше Љупчо Наневски и мерач на време Горан Дончов. Д-р Трајанчо Цилаков беше дежурен лекар на натпреварот.
Ревијалниот натпревар го организираше Здружението на спортски ветерани на Велес со цел на љубителите на ракометот во градот да им се понуди можност да присуствуваат на натпревар што ќе биде иницијална каписла за омасовување на спортот во Велес, за враќање на публиката во спортските сали и на терените како и за промоција на спортскиот дух на градот по кој беше препознатлив со децении во минатото.
– Што поголем број на поранешни спортисти и што поголемо анимирање на младите во Велес да спортуваат и да ги почувствуваат благодетите од здравиот начин на живот. Со ваква цел го формиравме Здружението на спортски ветерани на Велес кое во наредниот период ќе организира вакви спортски манифестации од сите спортски дисциплини. Велешани ќе гледаат и навиваат на одбојкарски, кошаркарски, гимнастички и на останати натпревари. Освен омасовување на спортот ние планираме да работиме и на стимулирање на училишниот спорт, на масовниот и рекреативниот спорт во градот. Покрај натпреварувачкиот ќе се залагаме и за рекреативниот спорт, рече Димитар Андонов, претседателот на Здружението.
Според програмата на Здружението следни што ќе треба да истрчаат на теренот на спортската сала „Гемиџии“ ќе треба да бидат ветеранките на РК „Борец“ против ветеранките на македонската женска ракометна репрезентација. Овој натпревар ќе се одигра на есен. Претходно задоволни од поканата и играта македонските ракометни ветерани побарале Велес да биде домаќин и на натпревар што тие ќе го одиграат со меѓународен тим за што Здружението сериозно размислува да ја прифати организацијата. /У.Ј