16 милиони денари тежат годинава ваучерите на велешките спортски клубови доделени од Агенција за млади и спорт
Агенцијата за млади и спорт ги подели ваучерите за 2020 година со кои финансиски ги поддржува спортските клубови во државата. На велешките, највеќе тежи, поточно 4 милиони денари, ваучерот на прволигашот ФК “Борец“. Следат РК „Борец“ со 1,9 милиони денари, прволигашот ГОК „Борец“ со 1,2 милиони денари, Клубот за мал фудбал „Велес“ со 1 милиони денари, КК „Борец“ со 850.000,00 денари и ЖФК „Борец“ со 600.000,00 денари.
Државна поддршка добија и Кајакарските клубови „Бабуна“, „Вардар“, „Арка“ и „Вила Зора“ која изнесува помеѓу 100.000,00 и 700.000,00 денари. Малите спортски клубови добија од 80.000,00 до 150.000,00 денари. Меѓу нив е и единствениот Сојуз поточно за спорт и рекреација на инвадилизирани лица на Велес.
Годинава, на жиро сметките на велешките спортски клубови, ќе легнат вкупно 16 милиони денари или околу 280 илјади евра.
Спортските клубови на седницата на Економскиот Совет на градоначалникот Аце Коцевски рекоа дека се задоволни од добиените државни пари како и од вкупно 560.000 евра спонзорства на велешките фирми за да се добие државната помош од 280.000 евра. Тоа за нив значи дека ги обезбедиле основните услови за работа за годинава.
-Упатувам апел како претседател на Сојузот на спортови на Велес за да се намали потребата од користење на буџетски средства на Општина Велес или на средствата што ни ги доделува да можеме да мрднеме од дното. Во моментов велешкиот спорт, зборувам за големите спортови со топка кои се на дното, како последица на нефинансирањето во подолг временски период што пак придонесе да дојдеме во ваква состојба да се натпреваруваме во втори, трети лиги или општинската. Со исклучок на ФК „Борец“ и со сериозен спонзор како и ОК „Борец“ кои се прволигаши. Упатувам голема благодарност до сите фирми кои помогнаа. Морам да кажам дека ние како ГОК „Борец“ добивме валоризирање од фирмата ГП „Пододекор“ од 90 отсто и од „Елса Ес“ на што сме особено благодарни. На нашите дресови се наоѓа рекламен материјал на двата спонзори. Затоа во името на сите клубови им се заблагодарувам и на останатите велешки фирми со чија поддршка ќе се обидеме заеднички да го вратиме сјајот на спортот во Велес на местото што заслужено го имаше, рече Ангел Љутков.
Тој додаде дека сега е потребно општината од буџетските пари да инвестира во спортските објекти, во паркет и греење, за да ги оспособи како со подобри услови за одржување на тренинзи така и за одржување на меѓународни спортски натпревари.
И градоначалникот Коцевски упати благодарност за поддршката на спортот од страна на велешките фирми.
-Посакувам примерот на фирмите кои се одлучија со ваучери да ги поддржат клубовите како Пододекор, Жито, Пескара Вел и останатите да го следат овој пример. Јас и лично се вклучив, пред нова година, да ги замолам неколкумина сопственици на компании за да не пропаднат ваучерите. Посебно за ракометниот клуб. Се надевам дека тоа вроди со одреден плод. По овој состанок ќе се обратам до сите фирми во Велес со известување од одржаниот состанок со молба да се вклучат во помош на спортот, рече Коцевски.
На состанокот беше очигледен оптимизмот на претставниците на спортските клубови кои добија ваучери од Агенцијата за млади и спорт дека идат подобри времиња за спортскиот живот во Велес./С.А