Македонија се пласира на Европско првенство
13.11.2020
Историски пласман на македонската фудбалска репрезентација на ЕП идната година, откако нашите фудбалски јунаци ја совладаа репрезентацијата на Грузија. Со асистенија на Елмас и Несторовски, а со гол на капитенот Горан Пандев во ’56 минута македонскиот фудбал испиша историја. Македонија за првпат од својата независност се пласира на ова големо фудбалско натпреварување, кое ќе се одигра во Букурешт идната година.
Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски е среќен поради големиот успех кој го направија неговите фудбалери.
На пречекот по влегувањето во Македонија, селекторот Игор Ангеловски даде изјава за големиот успех на фудбалската репрезентација. Тој вели дека селекцијата пет години живее обединета без разлика на етничка и верска припадност, среќен е што пласманот на ЕП го обединува и народот.
„Среќни сме што успеавме да го обединиме народот, затоа што ние во репрезентацијата така живеевме пет години, без разлика на етничка, верска и било каква друга припадност, бевме едно големо семејство и сето тоа ни донесе успех, пласман на Европско првенство. Среќен сум што работам со вакви фудбалери и се надевам дека Македонија ќе се радува на уште вакви успеси“, рече Ангеловски.
Македонија синоќа заслужено славеше, но со почитување на здравствените препораки, со оглед на тоа што се наоѓаме во услови на пандемија.
Им благодариме за малата, но сепак голема искра среќа, и им посакуваме успех на Европското првенство на македонските фудбалери, тие се македонската гордост.
Мите Јаначков