Чоколадите на македоскиот пазар се безбедни, тврди Агенцијата за храна и ветеринарство
Агенцијата за храна и ветеринарство вели дека на македонскиот пазар нема небезбедни чоколади во кои е утврдено присуство на делови од пластика.
Уверувањето следува откако производителот “Марс”, доброволно ги повлече чоколадите “марс”, “сникерс”, “милки веј”, “селебрејшанс” и “мини микс” со рок на употреба до 19 јуни годинава и до 8 јануари 2017 година од 55 земји, поради пронајдено парче пластика.
Чоколадите кои се повлечени од пазарот се произведени во Холандија, а повлекувањето е резултат на жалбата на една жена што тврдела дека во чоколадото кое го купила имало парче пластика.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека серијата на пратки од чоколадите која е повлечена од пазарот не била ниту увезена во Македонија.
„Во прометот во Република Македонија се наоѓаат чоколади од овие брендови увезени од Холандија, но, со различен производствен сериски број од небезбедната нотифицирана пратка.
Агенцијата за храна и ветеринарство будно ја следи состојбата со овој случај и подготвена е да реагира навремено доколку се јави потреба, со преземање на соодветни мерки.
Како одговорна институција за безбедноста на храната апелираме граѓаните непотребно да не се вознемируваат и доведуваат во заблуда дека производите кои се продаваат на домашниот пазар се небезбедни и можат да го загрозат нивното здравје.“ се вели во соопштението.
Извор: Нова