Македонија го губи косовскиот пазар
Компаниите од Македонија го губат косовскиот пазар. Минатата година, извозот од Македонија на Косово изнесувал 190 милиони долари, додека во 2010 изнесувал 440 милиони долари, покажува официјалната статистика. Економистите предупредуват дека е време стопанствениците и власта да се занимаваат со реалните проблеми и што треба да бидат приоритет, а не само со дневна политика, јави АлсатМ.
„Некој друг продава на Косово неместо фирмите од Македонија. Прашањето е зошто е тоа така? Едно од објаснувањата е и прашањето на инфраструктурата. Затоа што од Тирана до Приштина се направи автопат, а од обиколницата во Скопје до Блаце што е 13 километри, ние седум години зборуваме дека ќе го направиме“, вели Зоран Јовановски, економски аналитичар.
Иако, изминативе години се забележува раст на вкупниот извоз, сепак трендот покажува дека Македонија губи дел од пазарите на земјите од опкружувањето.
„Ние не го губиме пазарот само со Косово. Ние губиме со сите. Имаме лоша надворешна политика со сите околни држави. Не е проблем само Косово, ние сме изгубиле пазар и со Албанија, Бугарија и со Грција. Не е проблем само автопатот, туку политиката. Нас бизнисмените никогаш никој не не прашува, но тука греши и бизнис заедницата, затоа што никогаш ние не седнуваме сите заедно за да не може политичар да ни „соли“ памет во бизнис, може во политика“, рече Нагиб Фејзи, Стопанска комора на северозапдна Македонија.
Поради политичката криза и неизвесноста од најавените избори, економистите и стопанствениците посочуваат дека економијата годинава ќе има помал раст од предвидениот.