Штрајк на вработените во грчките пристаништа
Во Грција работниците на пристаништата денеска почнуваат 48-часовни штрајкови, во знак на протест против продажбата на двете најголеми пристаништа во државата.
Атина оваа продажба ја вети на меѓународните кредитори во замена за потребните спасувачки заеми. Штрајкувачите повеќепати излегуваа на улиците затоа што се плашат од намалување на работни места. Тие се закануваат дека штрајкови ќе има и во сите други пристаништа во земјата. Тие потсетуваат дека во 2014 година тогашната Влада на премиерот, Андонис Самарас почна со распродажбата на 67% од акциите на двете пристаништа, во Пиреја и во Солун, најавена уште во 2009 година со давањето концесија на два оддела на пристаништето Пиреја на кинескиот гигант КОСКО, што доведе, според нив, до воведување на средновековни работни односи.
Сегашната коалициска Влада, составена од СИРИЗА и Независни Грци, ги продолжи тендерите за распродажба на 67% од акциите на двете пристаништа во Пиреја и во Солун, и покрај преземените предизборни и постизборни обврски, дека до тоа нема да дојде.