Случај Макпетрол; Вработените акционери се мислат дали да ја прифатат понудата на Кипарците
Кој стои зад наводната кипарска фирма што сака да го купи „Макпетрол“. Ова засега останува тајна. Сепак тоа не им пречи на вработените акционери сериозно да размислуваат за продажба на нивните акции, пишува Фактор.
Според дел од нив, кои сакаат да останат анонимни, се прави пакет акции кој би му бил понуден на јавна продажба, по цена од 25 908 денари.
Вработените акционери се запознаени со понудата и кај повеќето постои дилема, дали да се продаде? Дали е вистинско време? Што ќе правам со работното место?
Дали продажбата на акциите, ќе се случи? Цената не е само симболична. По долг пост на берзата, станува збор за прилично фина сума, која не е за потценување. Тоа ја раздвижи подзаспаната берза.
Собранието на акционери на „Макпетрол“ е закажано за сабота, 11 јуни, со почеток во 12 часот
Инаку, Управниот одбор на Макпетрол, го разгледал дописот од „Балкан Петролеум Лимитед“ и одлучил дека по него не може да се постапува.
„Не е доставено полномошно за поднесителот и потребната документација за идентификација на лицето кое има намера за преземање согласно Законот за преземање на акционерските друштва. „Макпетрол“ за „намерата за праземање“ првпат доби сознание со добивањето на дописот и никогаш немал контакти со лицето кое, со некомлетна документација, има пројавено ,,намера за преземање’’, се вели во соопштението на „Макпетрол“.
Макпетрол е наголемата нафтена дистрибутивна компанија во земјава, очигледно дека понудата за преземање не е случајна туку има и некоја друга цел. Од мноштвото информации, останува јасно дека акционерите немаат доволно детали, а дека Кипарците продолжуваат да работат на терен, што говори дека нема лесно да се откажат од целата работа.
Фактор очекува повеќе информации наскоро.