Еврообврзницата:Ќе даваме многу пари за камати!
Еврообврзницата беше исклучително коментирана овие денови. Еве што за Фактор рекоа аналитичари, бизнисмени, професори:
Венко Глигоров, бизнисмен: „Се зголемува буџетот еднострано и за таквиот буџет се бараат нови пари. Најбитното е тоа што износот е превисок и ќе ја стави Македонија во исклучително тешка ситуација. Се создава привид дека се е законски како во ситуацијата: операцијата е успешна, а пациентот е мртов. Исто така е важно да се истакне дека со Пржинскиот договор кој е верификуван и во собранието,
Македонија се обврза да спроведува активности на создавање на услови за кредибилни избори и да работи на отстранување на политичката криза преку реализација на одредбите од извештајот на Прибе. Ниту со буџетот ни со еврообврзницата овие обврски не може да се видат дека ќе се исполнат.
Сами Бислими, аналитичар:
„Издавањето на еврообврзницата нема никакво економско оправдување. Официјалните податоци укажуваат на фактот дека буџетските приходи се во рамките на проектираните вредности, и доколку е тоа така, тогаш, преку наплатата на јавните приходи се обезбедени средства за покривање на проектираната буџетска потрошувачка. Објаснувањето дека парите од новата еврообврзница ќе се користат за покривање на проектираниот буџетски дефицит не држи од причина што, со претходното задолзхување беа обезбедени средства за покривање на буџестки дефицит за првите шест месеци. Потоа објаснувањето дека дел од средствата ќе се користат за исплата на плати, пензии, за финансирање на други инфраструктурни проекти, исто така не држи, оти нели буџетот ни е во добра кондиција, а тоа значи дека, со досегашната наплата на фискалните и други приходи се обезбедени потребните средства за покривање на плати, пензии, како и средства за финансирање јавната потрошувачка.“
Фатмир Бутиќи, комора на стопанственици од Северозападна Македонија “Ние како комора на Северозападна Македонија не можеме да дадаеме поддршка на задолжувањата и на трендот на непродуктивни трошења, и тоа му беше најавено на министерот за финансии. Стопанската комора на северозападна Македонија поддржува и стимулира рамномерен регионален економски развој ама не стимулира и не поддржува селективен пристап на оваа Влада која директно влијае на економскиот диспаритет во земјата“
Предраг Трпевски, професоор: Инаку, да не не чуди тоа што оваа еврообврзница ќе биде поскапа од сите претходни (со икслучок на онаа од 2009 година, која се издаде во услови на глобална економска криза). Каматата на оваа еврообврзница, дефинитивно ќе биде повисока, а причината за тоа е ситуацијата во нашата земја, особено политичката криза..
Владимир Филиповски, универзитетски професор
Доколку се издаде еврообврзница на максималниот износ од 650 милиони евра, тоа би значело нов долг кој би бил околу 15% од износот на вкупниот јавен долг и 22% од надворешниот јавен долг, со состојба на крајот од првиот квартал 2016.
За период од две години: јули 2014 – јули 2016, тоа би било задолжување преку три еврообврзници во износ од 1,4 милијарди евра.
Тоа би значело продолжување на трендот на забрзана динамика на задолжување на државата. Исто така, доколку нема во меѓувреме некое раздолжување, јавниот долг во еден момент би достигнал ниво над 50% од номиналниот БДП. Сето тоа би ја отежнало идната фискална консолидација, т.е. стабилизирањето на јавниот долг. A фискалната консолидација подразбира и намалување на буџетските дефицити (во последните три години реализираните дефицити изнесуваа во просек 3,8% од БДП) преку рационализирање на буџетските трошења, со што би се намалиле и потребите за постојани нови задолжувања.
Извор: Фактор