Германска текстилна компанија најави отворање на фабрика во Велес
Нови 1.000 работни места ќе бидат отворени со инвестицијата на германската компанија „СТС Текстајлс“ која ќе отвори фабрика за производство на технички и индустриски текстил во Велес.
Фабриката ќе биде сместена во просториите на поранешната фабрика „Нонча Камишева“ позната како поранешната „Свилара“. За инвестицијата во Македонија, германската „СТС Текстајлс“ ја отвори компанијата „Лутекс Македонија“.
Во почетокот ќе бидат вработени 50 лица, а во следните пет години се планира да бидат ангажирани до 1.000 лица. Првичната инвестиција се проценува на околу 4 милиони евра, а во следните пет години ќе бидат инвестирани до 7 милиони евра.
Сопственикот на „СТС Текстајл“ планира со производство во Македонија да започне веќе за една до две недели, а повеќето од производите ќе се извезуваат во Германија, Франција, Италија и Полска.
Германската компанија ја најави намерата за инвестирање во февруари минатата година сакајќи да инвестира во Демир Хисар, но подоцна ја сменила одлуката со тоа што фабриката ќе ја отвори во Велес.