Волонтираат со години – Дали волонтирањето е чекор до вработување?
Многу млади во Македонија волонтираат во невладини организации или во државни институции со цел да си го олеснат патот до вработувањето, пишува Фактор.
На ваков начин ги подобруваат своите вештини, знаења, стекнуваат контакти, работат со луѓе. Младата Марија Јовановска од Куманово волонтирала во повеќе оргaнизации, при што најголем дел од времето го поминала во општинската организација на Црвен Крст од Куманово. Раскажува дека во текот на тие 8 години имала шанса да научи многу работи кои ќе ѝ користат понатаму во животот.
„ Кога зборуваме за волонтирање веднаш мислиме на работа за која нема паричен надоместок. И да, можеби нема никакво парично надоместување, но со волонтирање се стекнуваат многу знаења , искуства, вештини. Се сретнуваш со секакви ситуации , предизвици, запознаваш многу различни карактери, ставови, мислења, ја изразуваш својата креативност на свој начин. Можам да истакнам дека покрај формалното образование многу значајно е и неформалното образование за еден млад човек во денешно време, време во кое младите многу тешко можат да се стекнат со одредено искуство, а со тоа и полесно стапување во работен однос“ – вели Јовановска.
Млада девојка од внатрешноста на Македонија волонтирала во државна институција година и пол, но бидејќи не ѝ се пружила можност за вработување се откажала. Раскажува дека многу луѓе волонтираат со години во државните институции, но не секој на крај добива работа.
„Надоместот кој го земав беше околу 4.500 денари месечно. Колешка која требаше да оди во пензија продолжи со работа и јас се откажав. Не е напорно да се волонтира, напротив учиш многу работи внатре кога си во институцијата. Посебно се учи односот со странки. Странки има секакви, насилни, учтиви, вулгарни. Се работи по 8 часа дневно. Добро е волонтерството, но се зависи дали колегите ќе те прифатат како волонтер, затоа што и тие се плашат од конкуренција“ – раскажува оваа девојка.
Филип Младеновски од Кратово кој има 17 години и учи во средно угостителско училиште, волонтира во неговата струка во родниот град за да стекне пракса.
„Волонторам веќе 3 години цела година, а преку лето поинтензивно. Волонтирам за да стекнам искуство и полесно да дојдам до посакуваната работа“ – вели Младеновски.
Мерита Мустафи, програм менаџер за образование и култура на млади Роми во АДРР СОНЦЕ – Тетово вели дека во денешно време секоја волонтерска работа е добивка за волонтерот. Според неа, денес за да нешто се заврши мора да се поседува искуство.
„Искуството не доаѓа само со теорија туку и со пракса. Јас лично почнав со волонтирање затоа што сакав да помогнам, а сакајќи да помогнам јас впрочем научив навистина како да постапувам со целната група. Додека волонтираат луѓето може да научат да се прилагодуваат на работното место во кое што се наоѓаат, на потребите кои што произлегуваат и секако да ја предвидат динамиката на работа. Јас научив да комуницирам со целната група. Во текот на моето волонтирање си воспоставив цели и водев евиденција на постигнатото . Денес можам да кажам дека волонтирањето навистина ми помогна да бидам поуспешна во мојата работа“ – кажа Мустафи.
Многу студенти и средношколци преку невладините заминуваат да волонтираат и во странство за период од неколку месеци или година дена, каде имаат шанса да научат нешто повеќе за друга култура, традиција, да усовршат познавање на странски јазик, а со тоа и да ја збогатат својата професионална биографија.
Извор: Фактор