Швајцарија го ограничи бројот на дозволите за работа за Бугари и Романци
Швајцарската влада одлучи да го ограничи бројот на дозволите за работа, издавани на бугарски и романски државјани, по нагло зголемување на приливот на имигранти од двете држави повикувајќи се на клаузула во договорот со ЕУ.
Клаузулата што е дел од билатералниот договор со ЕУ за слободата на движење ѝ овозможува на Швајцарија, која не е дел од заедницата, да наметне привремени квоти врз дозволите за работа и за пребивање.
Според договорот Швајцарија има право до 2019 да воведе квоти на романски и бугарски државјани, ако регистрира зголемување од 10 проценти или повеќе во бројот на издадените дозволи за работа во споредба со просечниот број во претходните три години.
Во 2016 година имиграцијата од двете држави беше 3 300 лица – двојно повеќе во споредба со 2015. Затоа швајцарската Влада одлучила “да ја активира заштитната клаузула”.
Идната година на граѓани од двете држави ќе бидат издадени само 996 дозволи за долгорочен престој и за работа, а квота системот ќе стапи во сила од 1 јуни. Дозволите за краток престој, за престој помалку од 1 година, нема да бидат вклучени во квотите.