Грција парализирана од штрајк
Продолжува тридневниот штрајк во Грција. Повод е договорот кој е постигнат со меѓународните кредитори и новите наметнати мерки за штедење во замена за следната финансиска инјекција. Протестот започна во понеделникот.
Од денес на вработените во транспортниот сектор и на новинарите им се приклучија и лекарите.
Јавниот транспорт се движи со нарушен распоред, фериботите исто така остануваат по пристаништата поради штрајк на морнарите. Масовните протести се случуваат во позадина на тековните парламентот дебати за нацрт-законот со новите мерки за штедење, кој треба да биде изгласан на 18 мај.
Во рамките на претходно постигнатиот договор со кредиторите владата прифати да плати 3,6 милијарди евра, откако ќе ги собере овие средства од кратењата за пензии и од зголемувањето на даноците. Мерките ќе бидат имплементирани во 2019-2020 година, кога спасувачката програма во пракса ќе биде завршена.
Конечниот договор треба да биде финализиран до средбата на Еврогрупата на 22 мај. На неа се очекува министрите за финансии од еврозоната да дадат зелено светло за одблокирање на следната транша од заемите за Грција.